Поголемиот дел од англиските, но и од италијанските фудбалски медиуми, немаат никаква дилема дека трофејниот стручњак, Антонио Конте, е најголема желба на раководните лица на најтрофејниот клуб во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед, кога е во прашање менаџерската функција.
Поранешниот предводник на Јувентус, Челзи и Интер, важи за прв фаворит доколку раководните лица на „црвените ѓаволи“ порано од предвиденото ја прекинат соработката со норвешкиот стручњак, Оле Гунар Солскер.
Според новинарот Николо Шира, Италијанецот сака да се пресели на „Олд Трафорд“, но тоа ќе го направи само доколку Јунајтед му понуди најмалку тригодишен договор.
Британските медиуми открија дека во следните неколку дена, раководните лица на Јунајтед ќе донесат конечна одлука за иднината на Солскер. Истите медиуми шпекулираат дека Норвежанецот сигурно ќе добие отказ, особено по поразот од Ливерпул во неделата на домашен терен со убедливи 5:0.
На последните девет натпревари, Јунајтед има забележано само три победи, а вината за лошата форма, како во Премиер лигата, така и во Лигата на шампиони, е лоцирана кај норвешкиот стручњак.
За време на летниот преоден рок „црвените ѓаволи“ потрошија голема парична сума за трансферите на Кристијано Роналдо, Рафаел Варан и Џејдон Санчо, но и со таков тим полн со ѕвезди, Јунајтед после девет одиграни кола има осум бода помалку од лидерот на табелата, тимот на Челзи.