Во недела, пред салата Борис Трајковски, лицата кои се во добра здравствена состојба, на возраст од 18 до 50 години ќе имаат можност да станат дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина. Дарител може да биде секој што се чувствува здрав и е подготвен да спаси нечиј живот, само со доброволно дарување на 5 милилитри периферна крв, ќе се запише во регистарот на дарители на коскена срцевина. Во Македонија од мај 2020 година досега извршени се експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега и неколку коскени ткива.

 

Да се дарува коскена срцевина, орган или ткиво значи некому да се даде можност одново да живее. Во Македонија од мај 2020 година досега се извршени експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега и неколку коскени ткива.

Министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати кажа дека е задоволен од сработеното на лекарските тимовите, врвни стручњаци кои што работаа во услови на пандемија и спасуваат човечки животи. Според Филипче во делот на трансплантациите можеме да бидеме горди, бидејќи земјава е високо позиционирана на европската мапа, додека во рамките на регионот сме лидери.

Токму заради овие успеси в недела здравствени работници, волонтери и поранешни пациенти, ќе трчаат на Скопскиот маратон, за да мотивираат поголем број донори на коскена срцевина да се пријават во Националниот регистар за донори. Целта ни е да се подигне нивото на свесност за значењето на трансплантација на органи и ткива од починат донор.

-Лицата кои се во добра здравствена состојба, на возраст од 18 до 50 години ќе имаат можност да станат дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина. Дарител може да биде секој што се чувствува здрав и е подготвен да спаси нечиј живот, само со доброволно дарување на 5 милилитри периферна крв, ќе се запише во регистарот на дарители на коскена срцевина-велат од Министерството за здравство.

Пред стартот на трката, пред салата Борис Трајковски, ќе има пункт, отворен од 8 до 12 часот, каде што граѓаните ќе можат подетално да се информираат за трансплантациите како можност за излекување и продолжување на животот директно од тимовите на експерти кои се дел од овие интервенции.

-Она што сме горди е дека за една година, во услови на пандемија, трансплантиравме пет срца и 12 бубрега, како и една експлантација на коски и коскени ткива. Во моментов на листите за чекање на орган се околу 20 пациенти за срце и стотина за бубрези – вели за весникот ВЕЧЕР, националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Миовска.

Трансплантацијата на органи спасува многу човечки животи, но носи и многу предизвици за лекарите, бидејќи се изведува со мултисекторски и мултидисциплинарен пристап.

-Трансплантацијата е зрак на надеж не само за пациентите туку и за нивните семејствата и пријатели. Македонија, иако мала држава, се најде на листата на земјите во светот каде што успешно се изведуваат трансплантации на органи. Она на што во последно време се фокусирани медицинските лица е подигнувањето на јавната свест за органодонорство којашто е можна само преку отворен пристап, преку споделување на информации, како и со споделување на успешните приказни- посочува д-р Мојсовска, која е и раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ.

Министерство за здравство ги повикува сите граѓани да ги поддржат здравствените работници, волонтерите и излекуваните пациентите кои ќе трчаат на Скопскиот маратон, в недела на 3 октомври 2021 година.

Лекарите се задоволни од гестот и велат дека ќе учествуваат во трката за да ја истакнат важноста и влијанието од трансплантацијата на органи, ткива и матични клетки врз животот на пациентите, а воедно и да им заблагодариме на сите донори низ светот кои со своето дарување подариле некому живот.

(В.Ма.)