Изградба на обиколницата Запад за решавање на сообраќајниот метеж е еден од приоритетите на кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Штип, Сашко Николов. Тој на денешната прес-конференција истакна дека од реализацијата на проектите зависи и квалитетот на животот на граѓаните.
–Во Штип ќе обезбедиме и развој и подобар живот со изградбата на Обиколница Запад. Штип е град каде што се вкрстуваат и се одделуваат патните правци од Скопје, Велес, Куманово кон Кочани, Радовиш и Струмица и обратно. Комплетирањето на систем сообраќајници кои сообраќајот ќе го пренасочат надвор од централното градско подрачје, овозможува нормализирање на протокот од возила и намалување на аерозагадувањето, вели Николов.
Посочи дека со овој проект ќе се врши пренасочување на возилата што доаѓаат од правец на стариот пат за Кочани, а се движат во правец на Радовиш, Струмица или обратно да го заобиколат централното градско подрачје, преку изградба на сообраќајница од кружниот тек на булевар „Гоце Делчев“, кон улица „Вељко Влаховиќ“ во урбаната заедница Пребег и местото познато како „Крсто”, а обиколницата да излезе на мостот на река Брегалница кај бања „Кежовица“.
–Вредноста на овој проект е проектиран на 80.000.000,00 денари. Придобивката за граѓаните е намалување на сообраќајниот метеж и застојот во сообраќајот низ централното градско подрачје, намалување на загадувањето од издувни гасови во централното градско подрачје и сообраќајниците од кои ќе биде отстранет сообраќајот, рече Николов.
Кандидатот на СДСМ за Општина Штип, Николов потенцираше дека обиколницата ќе овозможи пренесување на сообраќајот надвор од градската зона.