Полицијата фати 45-годишен измамник кој излажал жител од Долно Лисиче ветувајќи му дека ќе му набави евтино огревно дрво. Тој на оштетениот В.Ц. му се претставил како превозник-трговец со огревни дрва, нудејќи му огревни дрва по поволна цена, ако му позајми 14.500 денари за да ја замени гумата од камионот, на кој му се натоварени дрвата за продажба.
– Откако ги земал парите, измамникот ниту донел дрва, ниту се јавувал. На тој начин го довел во заблуда оштетениот, кој му ги дал парите и еден мобилен телефон на пријавениот, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 20.000 денари – соопштија од МВР.
Против измамникот Н.Д. единицата за внатрешни работи Центар и Бит-пазар поднесе кривична пријава. Од полицијата не прецизираат дали станува збор за истиот човек кој исто така измамил повеќе стари лица во скопско Трубарево.
Жители на Гази Баба пред една недела предупредуваа дека измамник на околу четириесетина години им нудел огревни дрва по многу ниска цена и откако ќе им ги земел парите, од него ни трага, ниту глас, како ни од камионот со дрва. Велат дека на тој начин се измамени над десетина семејства, но официјално во полиција се евидентирани само три кривично/правни настани, односно измами. Вакви измами имало и минатите години и мета на крадците им се само повозрасни лица. Тие прашуваат како може да му се верува на некој непознат – измамник.
Но, не се измамени само во Трубарево. Пред два месеци била прелажана возрасна жена од село Марино и лицето што ѝ ветувало евтини дрва одговара на истиот опис што го дале во полиција измамените од Трубарево.
Човекот ненајавено влегува по дворови, гаражи и бара повод како да започне разговор. Најчесто кажува дека бара да купи трактор, кокошки, приколки, а потоа нуди дрва за огрев и слично. Цел му се повозрасни домаќинки.
Тие се сомневаат дека станува збор за организирана група која претходно прави план во кое село има жители кои можат да се „обработат“.
– Од страна на полициски службеници од Единицата за внатрешни работи „Гази Баба“ преземени се соодветни мерки и активности согласно овластувањата за што се изготвени службени материјали, а од оштетените земени се записник по чл.247 од КЗ. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните – информираа од МВР.
(С.Бл.)