Лиридон Диша од ДУИ, кандидат за член во Советот на општина Тетово на денешната прес-конференција ги презентира предвидените проекти за следните четири години. Тоа се реконсктрукција на градскиот плоштад, зелени површини во градот, нова општинска зграда, намалување на данокот за градба за сите оние што ќе се ангажираат да аплицираат за градби со зелен покрив, поставување подземни контејнери на 30 локации, повеќе еднонасочни улици во градот, претворање на т.н. „Улица на бутиците“ во улица со културни и занаетчиски вредности…
-Во функција на подобрување на ефикасноста на општинските услуги за граѓаните почнавме и во текот на следните четири години ќе го имплементираме целосно проектот за дигитализација на општинските услуги. Овие и многу други работи за почиста и позелена општина, бидејќи Тетово заслужува повеќе, а нашите граѓани заслужуваат попросперитетен живот, рече Диша.
Со оваа програма, како што рече, во следните четири години ја прикажуваме нашата посветеност за еден зелен и урбан град, токму во моментот кога Шар Планина е прогласена за национален парк, овозможувајќи ни како туристички центар да отвориме нови работни места, да имаме истакнат туризам и во исто време да имаме зелена економија.
ДУИ вечер во Тетово ќе одржи предизборен собир на кој ќе го претстави кандидатот за градоначалник, Теута Арифи и листата на советници.
Тој потсети на досега реализираните проекти, како новото основно училиште „Наим Фрашери“ во Мала Речица, реконструкција на сите училишта, патот до Бањата и рекреативниот простор, системите за снабдување со вода во руралните средини, реконструкција на улиците и канализациските системи во различни населби, реконструкцијата на новиот младински центар. Посочи дека првпат се ставија во функција новите автобуси и сега Тетово има јавен превоз.