Новиот Бундестаг со рекорден број пратеници

23

Германската Социјалдемократска партија (СПД) победи на изборите во Бундестагот, пред конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел, јави ДПА, повикувајќи се на податоци објавени на веб-страницата на федералната изборна комисија по пребројувањето на гласовите.

СПД освои 25,7 проценти од гласовите, што е нивни најдобар резултат во изминатите неколку години.
Блокот на Меркел, составен од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), ја доби поддршката на 24,1 отсто од гласачите, што е досега најлош резултат.

Зелените се на трето место со 14,8 проценти и тоа е нивниот најдобар изборен учинок. Партијата на слободни демократи (ФДП) освоии 11,5 отсто од гласовите, што претставува зголемување на поддршката во споредба со претходните избори. Партијата Алтернатива за Германија падна на петтото место со 10,3 проценти.

Новоизбраниот Парламент на Германија ќе има 735 пратеници, што е рекорден број, бидејќи досегашниот изнесуваше 709.

Во дваесетиот состав на Бундестагот, според прелиминарните изборни резултати, партиите ќе го имаат следниот број мандати односно пратеници: СПД – 206, ЦДУ/ЦСУ – 196, Зелените – 118, ФДП – 92, АфД – 83, Левица – 39, ССВ – 1.

Во Бундестагот со еден мандат влегува партијата на националното малцинство Здружение на јужен Шлезвиг (ССВ) за која не важи прагот од пет отсто.

Излезеноста на вчерашните парламентарни избори во Германија изнесувала 76,6 отсто.