Д-р Стојанов: Граѓаните во ист ден може да се вакцинираат и против ковид-19 и против грип

УТРЕ СТАРТУВА ИМУНИЗАЦИЈАТА СО ТРЕТА ДОЗА НА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

775

Истовремената инфекција со ковид и сезонски грип може да доведе до компликации кај невакцинираните луѓе, затоа инфектолозите и епидемиолозите препорачуваат граѓаните да се имунизираат со двете вакцини. Може да се вакцинира во едната рака со трета доза на вакцина за ковид-19, а во другата рака да примите вакцина за заштита од грип и нема да има никаков проблем. Ако во истиот ден не се примат двете вакцини, ќе треба да се чека еден месец – вели д-р Александар Стојанов за весникот ВЕЧЕР. Матичните лекари потврдуваат дека периодов покрај короната се јавуваат и пациенти со сезонски грип.

Одутре стартува имунизацијата со трета доза на вакцина за заштита од ковид-19. Со оваа таканаречена бустер доза можат да се вакцинираат лицата што се над 60-годишна возраст, а веќе имаат примено две дози на вакцина од било кој производител.

Според министерот за здравство Венко Филипче можат да се вакцинираат и здравствените работници, хронично болните и оние што се имунокомпромитирачки. Третата доза ќе биде од вакцината Фајзер.

Досега во земјава со две дози на вакцина се имунизирани 714.135 лица. Лекарите специјалисти велат дека со третата доза ќе се засили имунитетот на лицата кои веќе примиле две дози. Но, во октомври треба да стартува и имунизацијата на населението од сезонски грип, па граѓаните прашуваат дали ако примат трета доза, треба да се вакцинираат со вакцината за заштита од сезонски грип.

Искусниот епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој е експерт за вакцинација, вели дека лицата што ќе примат трета доза можат во исто време да се вакцинираат и од сезонски грип. Според него истовременото аплицирање на двете вакцини нема да предизвика никаков здравствен проблем, напротив, како што вели, луѓето на овој начин се заштитуваат од двете инфекции.

Д-р Стојанов, кој долги години беше директор на Центарот за јавно здравје-Скопје очекува годинава вакцинацијата за сезонски грип да стартува навреме, во средината на октомври, а не како лани во средината на ноември.

-Може да се вакцинира во едната рака со трета доза на вакцина за ковид-19, а во другата рака да примите вакцина за заштита од грип и нема да има никаков проблем. Ако во истиот ден не се примат двете вакцини, ќе треба да се чека еден месец, за да може да се вакцинирате со другата – вели д-р Стојанов за весникот ВЕЧЕР и препорачува дека имунизацијата треба да се направи што поскоро за да стекнете имун одговор, оти за тоа на помладите им е потребно две недели, а на постарите три до четири недели.

Имунизацијата, според него е единственото решение да се биде спремен кога ќе почнат инфекциите да може да е подготвен организмот за сезонската инфлуенца.

-За трета доза вакцина за ковид-19 дефинитивно сум за. Не мора да сте постар од 60 години или да сте од ризичната група, секој што поминал 6 месеци од ревакцината може да прими трета доза. Од вакцината само бенефит можете да имате, не може да ви наштети – смета д-р Стојанов.

Тој вели дека е вакциниран со две дози, но дека во декември планира да ја прими и третата доза. Според него и млади лица можат да примат трета доза на вакцина, без разлика која вакцина претходно им е аплицирана.

Анализите на врвни имунолози покажале дека добро е да се комбинираат вакцините , оти така се добива подобар имунолошки одговор кон заразата. Директорот на Клиниката за пулмологија Дејан Докиќ исто така е за апликација на трета доза.

-Со оваа таканаречена бустер доза, се постигнува поголем имун одговор – вели Докиќ. Тој смета дека доколку лицето прими трета доза на вакцина по една недела може да прими и вакцина за заштита од грип.

Што се однесува за тоа дека само 37 отсто од вкупното населението во Македонија е вакцинирано со вакцини за заштита од коронавирусот, доктор Стојанов вели дека тоа е многу малку за да се постигне колективен имунитет, бидејќи најголем број од вакцинираните дури 70 отсто се возрасни лица, додека младите кои најмногу се движат и го шират вирусот, не се имунизирани ниту 20 отсто.

-Вакцини има доволно, секој може да се вакцинира кај сака, ама ете младите не се вакцинираат – вели д-р Стојанов.

Д-р Елеонора Гвозденовиќ, инфектолог и професор на Медицинскиот факултет во Белград посочува нема причина да се плашиме од вакцинација против грип, имаме многу искуство, бидејќи знаеме како оваа вакцина функционира.

– Овие две вакцини немаат допирни точки и можат да се применат во исто време или со која било временска разлика – вели д-р Гвозденовиќ и дополнува дека најлошата можна варијанта е и двете инфекции да се појават кај оние кои не биле вакцинирани против ниту еден од овие два вируса. Меѓутоа, малку е веројатно дека некој ќе биде заразен со двата вируса истовремено.

И матичните лекари препорачуваат да се прими вакцината за заштита од сезонска инфлуенца, зошто веќе се регистрирани првите случаи на грип. Тие посочуваат дека изминативе десетина дена многу од лицата што имаат симптоми, а добиваат негативен тест за коронавирусот имаат грип.

Претседателката на Здружението на матични лекари Лидија Чолакова-Дервишова потврдува дека периодов покрај короната се јавуваат и пациенти со сезонски грип.

-Лицата кои имаат грип очите им солзат, носот им тече, киваат…, додека пак кај ковидот немавме такви симптоми така да може диференцијално дијагностички да се препознаат – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Српскиот инфектолог д-р Горан Стевановиќ, кој е член на Кризниот штаб во Србија, предупредуваат дека истовремената инфекција со ковид и сезонски грип може да доведе до компликации кај невакцинираните луѓе и ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат против грип.

Минатата година вакцините за заштита од грип доцнеа и средината на ноември почна имунизацијата. Министерството за здравство за годинава најавува дека вакцините ќе ги има навреме, во средината на октомври. Порачани се 40 илјади дози четиривалентна вакцина за заштита од инфлуенца. Вакцината е бесплатна за лицата над 65 години лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години. Останатите граѓани кои сакаат да се заштита од сезонски грип, вакцината треба да ја платат, лани цената беше 600 денари.

(В.Ма.)