Отворена е можност од следната година К-15 да добиваат сите вработени во јавниот сектор. Од Сојузот на синдикатите на Македонија информираат дека до Владата доставиле предлог Општ колективен договор за јавниот сектор во кој, покрај другото, е предложен и регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 отсто од основицата за сите вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека право на К-15 би добиле и вработените во полицијата, одбраната, образованието, здравството…
Доколку Владата го потпише понудениот колективен договор, исплатата на К-15 за овие вработени најверојатно би почнала од наредната година, зашто во годинешниот буџет не се одвоени средства за тоа.
-Очекуваме Општиот колективен договор да биде потпишан веднаш по завршување на локалните избори со што ќе исправиме и една голема неправда кон работниците во јавниот сектор, велат од ССМ.
Од лани право да добиваат К-15 имаат само дел од јавните службеници, односно околу 27 илјади кои работат во министерствата, општините, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, центрите за социјална работа, јавните установи формирани од Владата и во други органи основани од Собранието, за кои колективниот договор го потпиша Синдикатот на УПОЗ. Поради кризата тие лани не добија регрес, а годинава по 9.000 денари им се исплатија на дел од нив, додека останатите ќе добијат пари по изборите. За ова во буџетот се предвидени околу четири милиони евра.
Вработените во приватниот сектор, пак, К-15 добиваат веќе осма година. Парите треба да им се исплатат најдоцна до крајот на годината, а на нивните сметки газдите треба да ја уплатат најмалку минималната сума утврдена со колективен договор, која сега изнесува околу 11.500 денари. Но, на работодавците им се остави простор годинава овој минимум да го удвојат, зашто со петтиот пакет антикризни мерки прагот на ослободување од данок на добивка за К-15 од 40, се зголеми на 80 проценти и со тоа К-15 може да се искачи до 22.600 денари.
-Во голем дел на компании каде што синдикатите здружени во ССМ имаат синдикални организации, работодавачите веќе исплаќаат регрес за годишен одмор во висина и од 100 отсто од основицата, информираат од ССМ и ги потсетуваат работодавците дека мора да исплатат К-15, зашто е право утврдено со Колективен договор со кое тие се сложиле.
Според сознанијата на ССМ, лани околу 90 отсто од работниците кои се членови на синдикат добиле К-15, па очекуваат така да биде и годинава.
-На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права, велат од најголемиот синдикален сојуз.
Работодавците кои не исплаќаат К-15 или бараат од работниците да им ги вратат парите ги потсетуваат дека Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.
Во ССМ добиле пријави од работници за повеќе од 100 работодавачи кои не исплатиле во целост или исплатиле помалку К-15 за 2020 година. Овие пријави во име на работниците се потпишани и поднесени од претседателот на ССМ за да се заштитат работниците од притисоци и закани од работодавачите. Исто така, поднесени се и неколку кривични пријави.
До Државниот инспекторат за труд во првите три месеци од годинава поднесени се 502 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор за лани.
(С.В.)