Речиси половина од населението во Европа е целосно вакцинирано против Ковид-19, но бројот на вакцинираните во богатите земји многу го надминува бројот во сиромашните европски земји.
До денес, најмалку 845,5 милиони дози се дадени во Европа, вклучувајќи ги Русија и Турција, според агенцијата Франс прес. Ова значи дека биле дадени 99 дози на 100 жители.
Нешто повеќе од половина Европејци, 53,5 проценти примиле барем една доза, а 47 проценти биле целосно вакцинирани.
Европа е на второ место по бројот на дадени дози, по Соединетите држави и Канада, каде што беа дадени 115 дози на 100 жители. На трето место е Азија со 77 дози на 100 жители.
Светскиот просек на примени дози е 68 на 100 жители, пренесува бриселскиот портал Еурактив.
Во Европа, сепак, постои голем јаз помеѓу побогатите и посиромашните земји.
Во 34 од 51 европска земја кои, според Светската банка, имаат високи примања, биле дадени во просек по 122 дози на 100 жители. Меѓу нив се огромното мнозинство членки на ЕУ, Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија.
Две третини од жителите на тие земји примиле барем една доза и 60 проценти од двете дози.
Другите европски земји, кои според Светската банка имаат просечни примања, дале двојно помалку дози – 63 на 100 жители.
Една третина од нивните жители (34 проценти) примиле барем една доза, а 27 проценти биле целосно вакцинирани.
Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес предупреди на 31 август за „загрижувачки јаз“ во стапките на вакцинација меѓу земјите -членки.
На 31 август, ЕУ ја постигна целта да има 70% од возрасните кои биле целосно вакцинирани против коронавирусот пред крајот на летото. Повеќе од 256 милиони возрасни луѓе сега се целосно вакцинирани во Унијата, објави Европската комисија.
Во Бугарија, единствената земја со ЕУ со среден приход, само 17 проценти од населението е заштитено со две дози од вакцината.
На Бугарија не и недостасуваат вакцини, туку довербата на нејзините граѓани во вакцините.
Меѓутоа, во европските земји надвор од ЕУ каде стапката на вакцинација е ниска, покрај скептицизмот, постои и недостаток на вакцини.
На 30 август, Светската здравствена организација посочи на „недостаток на пристап до вакцини во некои земји и недостаток на прифаќање на вакцини во други“.
Европските земји со најниски стапки на вакцинација се Ерменија (три проценти целосно вакцинирани), Украина (девет проценти), Грузија и Босна и Херцеговина (по 11 проценти). Тие земји беа меѓу последните во Европа што започнаа кампања за вакцинација, во февруари и март.
На чело на Европа, но и светот, според вакцинацијата, се Португалија, со 73 проценти од целосно вакцинирани жители, Данска (71 проценти), Шпанија (69 проценти), Франција (65 проценти) и Велика Британија (63 проценти) ).