И во минатото, и сега и во иднина ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколку дневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кое се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за весникот ВЕЧЕР.

-Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани, Македонците како мнозинска заедница. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, додава Мицкоски, кој во интервјуто зборува за бугарското вето, македонските позиции на патот кон ЕУ, како и за очекувањата од локалните избори наесен.

Јованка ЦАРУЛЕСКА-ГРУЕВСКА

Фото: Ѕ. Плавевски

Деновиве бевте во дипломатска офанзива во Брисел, велите дека членството во ЕУ е приоритет за Македонија. По низата средби што ги остваривте таму, каков Ви е впечатокот лично Вас, во однос на проширувањето на ЕУ?

 -Заклучокот е дека постои голема волја и желба, од страна на нашите европски партнери, Македонија да ги почне конечно преговорите за коишто ги исполни сите критериуми уште пред 11 или 13 години, откако сме формално земја кандидат. Македонија има огромно мнозинство на пријатели во Брисел, луѓе кои ја разбираат позицијата на Македонија, но не ја разбираат позицијата на Бугарија, која во овој момент, очигледно претставува сериозна пречка за почнување на преговорите. Најголемите критики што доаѓаат од Брисел кон Македонија е огромното ниво на корупција, криминал кој владее во државата и тоа не е некоја голема тајна, бидејќи ние сме според извештајот на Транспарентност интернационал на 111. место или најкорумпирани и најкриминализирани во Европа. Немањето суштински и квалитетни реформи, лошото менаџирање со ковид-пандемијата… отприлика тоа се дел од неколкуте атрибути кои дипломатите во Брисел ни ги забележуваат. Јас сум целосно вложен на страната на народот и на државата, им реков дека сето тоа кое го заклучиле врз основа на извештаите кои ги добиваат е точно, но дека не сум тука дојден да ја озборувам власта, ниту е мојата цел да ја критикувам бидејќи тоа што тие го кажуваат е горе-долу вистина. Мојата цел беше таму да разговарам со пријателите и да добиеме што е можно повеќе пријатели кои ќе застанат зад нас на денот кога конечно ќе почнеме да преговараме со Европска Унија, успешно да ги завршиме тие преговори и да станеме членка во Европската Унија.

Разочарана од повторното недобивање датум за преговори, Владата ја зајакнува инцијативата Мал шенген, закажана е средба за овој месев. Каков е Вашиот став за оваа иницијатива?

-Тоа не е алтернатива, тоа е некоја регионална иницијатива која никако не може да биде алтернатива за Европската Унија, ние треба да останеме фокусирани на членство во Европската Унија и можеби уште еднаш треба да се разгледа идејата за членство во Европскиот економски простор, иако Пендаровски на едно скорешно интервју се обидуваше невешто да го објаснува дека тоа ни следувало откако ќе сме станеле членка на Европската Унија, но не е баш така. Што се однесува до Мал Шенген, тоа е некоја локална авантура на Владата и на Зоран Заев, за што поддршка од опозицијата како алтернатива на Европската Унија нема да добијат, и мислам дека треба да се разговара многу посериозно и многу поотворено на оваа тема.

 Разговорите летово се во мирување, но дали наесен очекувате да се случи чудо во односите со Бугарија? Кои се Вашите црвени линии во врска со спорот со Бугарија?

-Црвените линии генерално се содржани во Резолуцијата којашто ја доставивме до Собранието, веќе направивме консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата и ние се обидуваме да ги придобиеме сите партии. Го поздравувам тоа што и СДСМ одлучи да ја поддржи Резолуцијата, бидејќи и во минатото, сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколкудневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кога се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Во врска со тоа дали очекувам чудо, најпрвин да видиме како ќе завршат изборите во соседна Бугарија, да претпоставиме дека ќе бидат успешни и дека ќе има Влада и Парламент, што го очекувам некаде во втората половина на август. Имајќи предвид дека ние крајот на септември влегуваме во официјална кампања, имаме локални избори, па тие имаат претседателски избори, очекувам дури кон крајот на годината сериозна дипломатска офанзива кон официјална Софија, да ретерира од позицијата на вето и Македонија да ги почне преговорите. Ова што се случува веќе втор или третпат со официјална Софија е на меѓународните домат-дипломатии на дуото Заев-Димитров, каде што јасно се гледа дека нивните авантуристички потези на полето на дипломатијата само ја втурнаа Македонија во подредена положба и ја отворија Пандорината кутија и ние денеска сме практично предмет на уцени од страна на нашите соседи. Ги нема никаде оние убави епитети дека ние блескаме, дека имаме пријатели, кога ние гледаме дека буквално сопки имаме на секој чекор. Замислете како ќе биде кога ќе почнеме да преговараме. Никој денеска нема да разговара со Македонија за тоа какви реформи направила и дали тие имаат добар резултат, дали сме го хармонизирале нашето законодавство – секогаш некој ќе сака да си исправи некаква историска грешка. Токму поради тоа ние јасно мора да ги исцртаме нашите национални линии и токму тоа го правиме со оваа Резолуција во Парламентот, која очекувам сите да ја поддржат.

СДСМ дава поддршка, но од друга страна, ДУИ смета дека оваа Резолуција е штетна за државата. Очекувате ли да најдете заеднички јазик и обединување и со албанските партии?

 Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ.

Жалам што тој човек што ја даде таа изјава, дека Резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи.

Ја обвинувате Владата дека крие детали од јавноста во врска со разговорите. Што сака да скрие власта во однос на преговорите со Бугарија?

-Доколку немаа што да скријат, тогаш Заев пред да отидеше на онаа посета во Бугарија и на разговори со Бојко Борисов и останатите политички чинители, требаше дома изградиме дома консензус и став по тоа прашање, затоа што тој треба да отиде таму и да ги утврди црвените линии по кој што се преговара и разговара. Тој отиде таму без да ја информира опозицијата, сепак ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во Парламентот и кога има вака сложено прашање треба да има и консензус.

Во јавноста често го споменувате изразот естрадни политичари. На кого мислите во тие наводи и со кого не можете да замислите да направите коалиција?

-Тоа се луѓе кои без одговорност и без никаква суштина се обидуваат да манипулираат што повеќе луѓе, а зад таквото нивно естрадно однесување, стојат други центри на моќ, кои што не ѝ мислат добро, пред сè на опозицијата, но и на Македонија. Јас сум убеден дека времето на естрадни политичари и на политички измамници е завршено, бидејќи во јавноста оставаат впечаток дека сите се исти, а не се сите исти. Затоа јас лично и ВМРО-ДПМНЕ велиме дајте ни шанса да покажеме дека добрите времиња за нас како држава допрва доаѓаат. Не се сите естрадни политичари да говорат без одговорност што ќе им дојде, а во суштина да се потчинети на некои други центри на моќ, кои не и мислат добро ни на опозицијата ни на државата. Затоа јасно и гласно кажувам дека на следните локални избори во најголема мера изборот е помеѓу оваа Влада на Зоран Заев да остане или да си оди, ова не се обични локални избори.

 Митко Јанчев од Кавадарци, еден од малкутемина градоначалници на вашата партија, е избран за еден од тројцата најуспешни градоначалници во земјава, но вие дејствувате воздржано во врска со тоа дали партијата ќе даде поддршка за втор мандат на Јанчев за Кавадарци. По низата отворени несогласувања со политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој е Вашиот став, ќе добие ли Јанчев втора шанса кај Вас и поддршка за нова кандидатура?

-Логично е да имаме различни мислења и некогаш да не се согласуваме и да коментираме за тоа, но тоа не треба да се прави јавно, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е голема сложена структура и логично е да имаме различни размислувања со поединци, но се седнува, се аргументира и се излегува со компромис. Ценам дека јавни настапи со јавна критика кон политиката на партија не се добри, и тоа сум му го кажал и на Митко лично. Содржината на неговите критики никогаш не сум ја коментирал, она што можам да го заклучам за работењето на Митко Јанчев е дека кавадарчани се задоволни, а дали ќе добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучат органите на партијата.

Неколку направени анкети покажуваат предност од неколку проценти за вашата партијата во однос на актуелната власт, но таква беше ситуацијата и пред ланските предвремени избори. Дали е тоа доволен мотив за да инсистирате за предвремени парламентарни избори?

– Минатата година до февруари и почетокот на март, предноста на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ беше поголема со процент-два од коалицијата на СДСМ и БЕСА, но после тоа пандемијата и сите оние злоупотреби кои се случија, уредби со сила на закон, вонредна состојба, менувањето на изборниот законик и инженерингот којшто се случи доведоа до таа предност од два процента да се стопи и коалицијата СДСМ- БЕСА да добие половина процент предност во однос на ВМРО-ДПМНЕ.

Зголемена е цената на струјата, но намалено е ДДВ-то, па сметките за струја некако останаа на исто. Но, факт е дека цената е зголемена. Дали ова не е само предизборна шминка со намалувањето на ДДВ-то, кое по изборите би се зголемило?

Данокот на додадена вредност за цената на струјата сè уште е во собраниска процедура, но цената на електричната енергија е зголемена за 12,5-13% споредено со цената што беше минатата година. Ние како ВМРО-ДПМНЕ го предлагаме данокот на додадена вредност покрај за домаќинствата да биде за сите граѓани и за сите целни групи и компании, да важи за сите за да не биде спротивно на Уставот, така што ќе им ја олесниме работата и на сметководителите и ќе ја подобриме ликвидноста на компаниите. Тоа е едниот аргумент и за тоа имаме поднесено и амандман, се надевам дека СДСМ ќе се охрабрат и ќе го поддржат и вториот амандман е да не биде ова намалување на ДДВ-то со краток здив, само за една година, да ги поминеме ние сега изборите, па потоа да се зголеми цената на електричната енергија. Ние предлагаме – доколку цената на електричната енергија која што ја носи како одлука Регулаторната Комисија на крајот на годината, а се однесува на цената на универзалниот снабдувач ја продава на потрошувачите биде поголема од 5,1 киловат-час, тогаш да важи повластена тарифа за данокот на додадена вредност од 5%. Врз основа на одлуката на Регулаторна комисија, доколку таа цена е помеѓу 4,77 и 5,1 киловат-час да важи повластената даночна стапка од 10%, и доколку цената за киловат-час е под 4,76 денари, тогаш да важи даночната стапка од 18%, односно старата даночна стапка. Се надевам дека од СДСМ и од Владата ќе ги прифатат овие амандмани, па на тој начин ќе им помогнеме на граѓаните.

По локалните избори очекувам ново парламентарно мнозинство  

Подолг период најавувате дека неколку пратеници од владејачкото мнозинство размислуваат да преминат во вашата пратеничка група. Сте имале ли досега директен контакт и преговори со некој од нив, и дали се можни преструктурирања по локалните избори?

Тие преговори и разговори со десетина пратеници се уште актуелни, но во моментов нема нешто ново што би можел сега да кажам иако се надевам дека многу погласно за ново парламентарно мнозинство ќе можеме да зборуваме по локалните избори, на кои очекувам голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и се разбира ново парламентарно мнозинство и нова политичка реалноста по локалните избори. По локалните избори со тој победнички бран што го очекувам, очекувам пратениците да се ослободат од притисокот и многу полесно да ја донесат одлуката за ново парламентарно мнозинство.

(Целото интервју може да го прочитате во денешниот број на весникот ВЕЧЕР)