Пленковиќ очекува влез на Хрватска во еврозоната на почетокот на 2023 година

29

Хрватска очекува да стане членка на еврозоната на почетокот на 2023 година и дотогаш има намера да ги исполни сите потребни критериуми. Тоа го изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Брисел.

Вториот ден од самитот на европските лидери се одржува денеска во Брисел, а како дел од тоа ќе се одржи и самит на еврозоната во инклузивен формат.

– Ова е можност уште еднаш да ја изразиме нашата подготвеност за исполнување на сите критериуми и по влегувањето во Европскиот механизам за девизен курс (ЕРМ II) минатата година, да го исполниме акциониот план и да создадеме предуслови Хрватска да стане членка на еврозоната уште на почетокот на 2023 година, истакна Пленковиќ.

Тој додаде дека на самитот на еврозоната ќе го претстави календарот кој Хрватска го очекува во однос на влегувањето во областа на заедничката валута „со оглед на сите достигнувања направени во спроведувањето на стратегијата за воведување на еврото од 2018 година до денес”.