„Грижата за животната средина се стекнува од ‘мали нозе’. Дури и едно дете да излезе по претставата со крената свест е голем успех. Грижата за животната средина, науката, другарството, љубовта, влијанието на ‘инфлуенсерството, мобилната технологија, трендсетерството’, се само дел од нештата вметнати во оваа навидум ‘лесна’ и ‘едноставна’ претстава“, вели актерот Мики Анчевски, кој толкува една од главните улоги во претставата „Супербајкастично“, чија премиера е на 12 јуни
„Создадовме еко-бајка, која има задача преку досетки, хумор, забава и јасно изградени карактери, да испрати силна порака дека е важна грижата кон животната средина. Со овој проект на младите сакаме да им покажеме дека е ‘ИН’ да си: научник, несебичен, искрен и одговорен пред другите и животната средина“ посочува Игор Ивковиќ, режисер на новата претстава на Театарот за деца и младинци – „Супербајкастично“, која премиерно ќе се изведе на 12 јуни (19 часот).
Станува збор за еколошка бајка за деца, но и за возрасни, чија цел е да ги разбуди емпатиите кај публиката за поголема грижа кон планета Земја, нашиот единствен дом, а авторот на текстот е Горјан Милошевски.
Како што посочува Милошевски, „Супербајкастично“ е една голема авантура во која преку чудните, духовити, но предупредувачки ликови, публиката ќе биде дел од еколошко театарско шоу. „Во претставата, двајцата херои, децата Мила и Давид на свои 10 години ја започнуваат најголемата битка за нашата планета. За таа цел Давид создава супер, еколошки велосипед, водејќи се по изуми и нацрти на неговите предци – климатолози. Тој велосипед отвора порта кон поинаква, бајковидна димензија каде што нашите херои се борат против Небрила Токсичнаја, мајката на целото загадување, кралица на загадениот воздух. За да ја победат тие треба да поминат многу необични, големи и чудни пречки“, додава тој.
Главните улоги, научникот Давид и неговата другарка Мила ги толкуваат Мики Анчевски и Емра Куртишова. „Грижата за животната средина се стекнува од ‘мали нозе’. Дури и едно дете да излезе по претставата со крената свест е голем успех. Грижата за животната средина, науката, другарството, љубовта, влијанието на ‘инфлуенсерството, мобилната технологија, трендсетерството’, се само дел од нештата вметнати во оваа навидум ‘лесна’ и ‘едноставна’ претстава“, вели Анчевски.
За Емра Куртишова претставата освен што носи силна порака за глобалното загадување, зборува и за сплотување на две дечиња кои се дијаметрално различни, но на крајот „љубовта и разбирањето победува“.
Актерот Мартин Јорданоски, пак, во проектот толкува неколку ролји. За него е многу важно што претставата нè учи колку е вредна и важна природата, а не материјалното. „Живееме во брзо време во кое забораваме на вистинските вредности. Да се потрудиме да ја зачуваме природата. На тоа нè учи оваа претстава. Не е најважен мобилниот телефон, ниту пак парите имаат најголема вредност. Најважно е ние да сме луѓе. Да се сакаме сите и да си помагаме. Има вредност Сонцето кое ти се насмевнува. Има вредност мирисот на дождот и птиците кои пеат. Само љубовта и грижата спрема другите може да нè спаси!“ вели Јорданоски.
И директорката на ТДМ, Катарина Илиевска-Силјановска, во оваа претстава се појавува во повеќе улоги. Таа смета дека нема ништо поголемо и поважно од зачувување на околината, а со тоа и здравјето на сите нас. „А како поинаку ќе ги стекнеме тие навики, освен со секојдневно повторување на работите како рециклирање, селектирање отпад, што помалку користење на пластика. Во оваа наша најнова претстава преку многу игра и хумор се обидуваме да го доближиме тој современ начин на живеење кој треба да ни е секојдневие“, додава Илиевска-Силјановска.
Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите ги дизајнираше Елена Вангеловска, автор на музиката е Оливер Јосифовски, маскотите се дело на Маре Трајковска, а кореграфијата на Дафина Даниловска-Кочевска.
Инаку, Театарот за деца и младинци овој месец ќе има уште една премиера на 23 јули. Станува збор за младинската претстава „Подрум“. (Н.И.Т.)