Две компании добија забрана за работа, а седум парични казни од 55 илјади евра за увоз на лош мазут

Две компании добија забрана за работа, а на седум им се изречени прекршочни казни од над 55 илјади евра за пуштање во промет на мазут кој не ги задоволува стандардите. На компанијата „Блу Технолоџи“ и е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ, а на компанијата „Санс АГ“ од Штип и е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола

317

Две компании добија забрана за работа поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а прекршочни казни се изречени против седум компании. Компаниите РКМ ДООЕЛ, Супертрејд, Евротим, Пертинакс-Скопје, Ли-оил ДБ Кавадарци, Блу технолоџи и Ка-оил Енерџи Кавадарци, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика се парично казнети со 55.510 евра.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски соопшти дека сите наоди утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.

– Сето ова покажува дека веднаш по излегувањето на сторијата на ИРЛ, на мој предлог, со Министерството за економија ги задолживме надлежните институции за итни, вонредни и длабински контроли на целиот процес од увоз или производство до продажба на мазут и нафтени деривати. Институциите под ингеренции на Владата, веднаш постапија согласно законите и нивните надлежности и изрекоа соодветни казнени мерки, рече Николовски.

Тој нагласи дека согласно владините задолженија при вонредните инспекциски надзори, се опфатени сите останати фирми увозници, а надзорите се вршеле во сите фази, од увоз до складирање и користење на нафтените деривати. Притоа кај дел од нив биле констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување резерви и правилно водење на сметководствената евиденција.

Вицепремиерот посочи дека нема што да се сокрие и нагласи дека граѓаните треба да ги знаат сите информации.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави засилени контроли и во следниот период за, како што рече, да се заштитат потрошувачите и животната средина.

– Квалитетот на нафтените деривати што ги користат граѓаните, но и индустриските капацитети мора да бидат согласно највисоките стандарди за безбедност на производите. Со Законот за енергетика кој беше усвоен пред две години, токму на ова и се обврзавме, а впрочем тоа се и директивите на Европската Унија со кои сме целосно усогласени, рече Бектеши.

Компанијата „Блу Технолоџи“, како што нагласи, продавала мазут ППД кој не е деклариран во Правилникот за течни горива и на оваа компанија ѝ е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај компанијата „Санс АГ“ од Штип утврдено е производство на мазут од отпадни гуми и на неа ѝ е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б-интегрираната дозвола.

За овие две компании доставен е допис од Државниот пазарен инспекторат до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а не соодветствува со параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива.