Фудбалските клубови за жал станаа играчки за некои богати луѓе. Апсурдна приказна ни доаѓа од Кина каде еден богаташ си купи клуб за да ја исполни желбата на неговиот син да биде фудбалер.

Имено, кинески бизнисмен стана сопственик на второлигашот Зибо Кују, а во напаѓачката линија игра неговиот син Хе Шихуа.

Сигурно не би било прв пат во историјата на фудбалот татко да е сопственик, а синот фудбалер на некој клуб, но изгледот на самиот Шихуа привлече внимание.

Имено, Шихуа тежи 125 килограми, а тренерот е принуден да го користи на секој натпревар во нападот и воедно овој „офанзивен играч“ ги извршува сите прекини, од корнери до пенали.

Резултатот од ваквата тактика е очекуван. Зибо Кују е закован на дното на групата А од втората кинеска лига со едно реми и четири порази. Тие успеаја да постигнат два и да примат десет гола. Како што играат испаѓањето во третата лига е неизбежно.

Инаку, 35-годишниот Хе Шихуа, кој ја носи „десетката“, исто така има свој профил на Трансфермаркт, а цената е повеќе од скромни 10.000 евра.

Поради огромните финансиски проблеми што наидоа на многу богати луѓе во Кина, значителен број на клубови беа принудени да отпуштаат играчи, а некои дури и ги згаснаа тимовите.