Ќе се поделат 1.620 пакети, 1.620 гелови за дезинфекција на раце и 6.480 заштитни текстилни маски

100

Банката за храна Македонија ја почна најголемата и најопсежна акција за помош во 20 општини во државата.

-Општините требаше да најдат партнер организации кои ќе бидат линкот меѓу Банка за храна и крајните корисници, бидејќи ние не можеме да ги знаеме состојбите во избраните општини – објасни Душко Христов, раководител на Банката за храна Македонија.

Тој потенцираше дека заради ковид кризата се откажале од регионални конференции, трибини, тркалезни маси и врз основа на донесеното одобрение од Европската Унија е одлучено сумата од над 2.500.000 денари да се намени за набавка на 1.620 пакети, 1.620 гелови за дезинфекција на раце и 6.480 заштитни текстилни маски.

-Тоа ќе значи дека секое семејство ќе добие по еден пакет со 31 производ кој тежи над 18 килограми, по еден гел за дезинфекција на раце и четири заштитни текстилни маски – нагласи Христов.

Според него, големото пакување ќе се случи на 14 мај, во најголемиот логистички центар на „Тинекс“ близу Чојлија, кај Скопскиот аеродром.

Веќе од понеделник Банката за храна ќе стартува со разнесување на пакетите, геловите за дезинфекција на раце и заштитните текстилни маски, во 20 општини во државата, што ќе трае во наредните 15 дена.

Оваа акција е поддржана од Делегацијата на ЕУ, Скопје, ЦБФ, Цивика Мобилитас и ВСС проект поддржан од ЕУ и од Македонскиот центар.

(А.П.)