Зелката годинава постигна добра откупна цена, а дел од количините се успеа да се извезе на европскиот и на рускиот пазар. За разлика од лани кога цената беше многу ниска и се откупуваше по 4 денари за килограм, а поради корона кризата и затворените граници не можеше ниту да се извезе годинава има и добра цена и извоз за Хрватска, Романија, Украина, Србија, Косово. Производителите се задоволни од откупната цена која се движи од 25 до 30 денари за килограм, но велат дека за разлика од лани, годинава количините се многу намалени. Голем дел од земјоделците поради ниските откупни цени се откажаа од производство на зелка, а и ниските пролетни температури си го направија своето.
Според производителите откупна цена од 30 денари за килограм е добра и може нешто да се заработи, но проблемот е што оваа цена не е постојана и оти секој ден се намалува. Пред една недела падна на 25 денари за килограм, но велат дека доколку нема нови падови на цената, тогаш и со оваа можат да бидат задоволни.
-Годинава откупната цена на зелката е добра, но има многу помалку количини. Многу земјоделци поради ниската откупна цена лани се откажаа од производство на зелка и почнаа да одгледуваат други земјоделски култури. Лани откупната цена беше многу ниска само 4 денари за килограм па голем дел од количините останаа да скапуваат по нивите. Последниве години поради ниските пролетни температури производството на зелката и на другите градинарските култури на отворено е се потешко, вели за ВЕЧЕР, Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.
Зелка која моментално се продавана пазарите е под пластеници и нејзината цена е повисока поради поголемите трошоци за производство, а кога ќе почне да се бере онаа на отворено, нејзината цена нагло ќе падне. Ако остане оваа цена до 1 мај тогаш е добро и ќе има некоја заработка, но цената секој ден се менува, додава Велков.
За трговците падот на цената на пролетната зелка се должи на зголемената понуда во екот на бербата, но и на нелојалната конкуренција од одредени трговци, кои ја нудат зелката за пониска цена на купувачите во странство.
Трговците велат дека на откупните пунктови има голема понуда на пролетна зелка. Сега е моментот кога понудата е поголема од побарувачката и затоа дојде до намалување на откупната цена. Како и секоја година и оваа зелката стасува на средина на април и тоа е случај кај сите производители. Наместо да има одредена динамика на стасување за берба може да се случи за 10 до 15 дена повторно да нема понуда од оваа градинарска култура.
Пролетната зелка која година успеа да се извезе се најде на пазарите во Србија, Косово, Хрватска, Романија и Украина.
(А.С.)