Случајот со одобрението за градба на хотел на локацијата на урнатиот ресторан “Парк“ на охридскиот брег, и по речиси дваесет дена откако Владата ги задолжи надлежните институции да извршат вонреден инспекциски надзор, сè уште е без епилог. Додека од Општина Охрид го посочија Министерството за транспорт како “надлежно“, од Владата велат дека од Општината се чека дополнителна документација?! И додека топката се префрла меѓу директно повиканите во случајов, реализирано е само барањето од Владата да се превенираат градежните работи на теренот.
“Комисијата од Министерството за транспорт и врски ја разгледа целата документација што и беше дадена на увид од Општина Охрид, а во однос на постапката за издавање одобрение за градење за предметната локација.
Извештајот од Комисијата беше разгледуван на последната седница на Влада и побарано е од Општина Охрид да достави дополнителна документација во однос на постапката што ја спровела при издавањето на одобрението за градење.
Штом Општина Охрид ќе ја приложи дополнителната документација ќе информираме за целокупниот наод“, одговорија за весникот ВЕЧЕР од Владата.
Инаку, по откривањето на случајот од страна на иницијативата “Охрид СОС“ токму ова одобрение за градба на локацијата на урнатиот ресторан “Парк“, за на негово место да се гради хотел на три ката и поткровје, ги крена на нозе надлежните институции кои добија задача од Владата да преземат активности за утврдување на законитоста на целата постапка.
Со оглед дека секоја градежна активност која се врши на охридскиот брег е директна закана за бришење на Охрид од листата на заштитено културно наследство, случајот со уривањето на ресторанот “Парк“ кој е автентично архитектонско дело од 19 век, беше последната капка која ја прели чашата во однос на нелогичностите кои можат да се видат на теренот. Главната забелешка во случајот е што документот за градба бил издаден во 2018 година, а изградбата, велат од Охрид СОС, не почнала во законскиот рок од две години. Од друга страна, иако беше побарано ресторант “Парк“ да биде прогласен за културно наследство, тоа не било направено.
И додека се чека дополнителна документација, од Инспекторатот за животна средина, неодамна посочија дека со Планот за управување со светското природно и културно наследство се воспоставени зони и режими за заштита кон кои треба да се прилагодуваат сите урбанистички планови. Оттаму потенцираат дека во зоната со широчина од 50 метри од границата на катастарската парцела на спорниот објект, се забранува било каква урбана трансформација. Ова е препорака и од извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО.
Од Владата, пак, во одговорот за весникот ВЕЧЕР неодамна посочија дека во изминатиот период Министерството за транспорт и врски преземале низа активности за охридското крајбрежје.
“Запрени се сите проекти кои се посочени како идентификувани проблеми во Извештајот на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО во Охридскиот регион од 2017 година и тоа, изградбата на автопатот А2 (делница Требеништа-Струга),
изградбата на експресниот пат А3 (делница Охрид-Пештани), изградбата на експресниот пат А3 (делница Пештани-граница со Република Албанија) и
изградбата на железничката делница Кичево – граница со Република Албанија како дел од Коридор 8. Министерството за транспорт и врски и Агенција за планирање на простор започнаа со изработка на урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас во Охридскиот регион. Преку блок дотации од Буџетот на Министерството се префрлени и 6 милиони денари на Општина Охрид како поддршка за борба против бесправно изградените објекти“, посочуваат од Министерството.
Оттаму исто така велат дека е формирана работна група за изработка на акциски план за постапување по инвентарот за бесправно изградени објекти во Охридскиот регион која започна со работа и има одржано два состанока. Притоа се работи и на акцискиот план. (Д.Т.)