Предавање за партиципативната уметничка пракса на словенечкиот куратор Тевж Логар

51
Словенечкиот куратор Тевж Логар денеска на своето предавање „Неколку белешки за партиципативноста“ ќе зборува за историјата на партиципативната уметничка пракса како и за стратегиите што се користат при реализацијата на овој вид на уметнички дела.
Предавањето, како што е најавено, ќе може да се проследи на фејсбук страницата на КСП Центар-Јадро.
„Уште од почетоците на појавата на партиципативната уметничка пракса се покренаа прашањата во врска со поимите за оригиналноста и авторството како и конвенционалните претпоставки за уметничкиот објект и улогата на гледачот. Како реакција на социјалното раслојување и комодификацијата на уметничкиот систем, уметниците започнаа да развиваат нови форми на политичка, реакционерна и социјално ангажирана пракса во широк спектар на медиуми, понекогаш целосно дематеријализирани, како перформанси, работилници, настани, публикации и просторни интервенции со вклучување на публиката, при што значењето на делото беше изведено од колективниот ангажман на учесниците“, наведува Логар во најавата за неговото предавање.
Според уметникот, партиципативната уметност се сфаќа како поим кој опфаќа широк спектар на уметнички практики што може да се дефинираат преку важноста на учеството, социјалниот ангажман, интеракцијата, социјалните мрежи и политички ангажираните процеси како централен интерес на уметничкото дело кое се оддалечува од парадигмата дека уметничките дела се дефинираат како стокови производи.
Предавањето на Логар е прво од серијата настани во рамки на проектот за реализација на партиципативен уметнички проект во организација на Центар-Јадро.
Тевж Логар работи како независен куратор, уредник и автор на теориски текстови и соработува со разни галерии и институции.
Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија.