Недела ќе биде неработен ден од 1 јануари 2022, а моловите ќе работат од 10 до 18 часот

ССМ бара недела неработен ден да се уреди со Законот за работните односи, а не со посебните законине и не се согласува, законските измени со кои ќе се уреди недела за неработен ден да се одложат со почеток од јануари 2022 година. ССМ укажува дека договорот кој е направен на последната седница на Економско социјалниот совет во февруари 2021 година, на која се разговараше законското решение за недела неработен ден мора да се почитува, а не да се менува по желба и на штета на работниците

455

За Сојузот на синдикати на Македонија владиниот предлог за недела неработен ден е неприфатлив. ССМ смета дека ова право за сите работници треба да се уреди со Законот за работните односи, а не со посебните закони со што ќе се доведе до нееднаквост на правата на работниците и ќе предизвика правна несигурност. Ова а реакција на Синдикатот следи откако министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска го промени концептот и предложи ова право покрај во Законот за работните односи, да се уреди и со Законот за трговија.
Министерката Шахпаска објасни дека по повеќемесечна анализа на состојбата во стопанството и проценетите финансиски импликации, одлуката трговските центри да работат во недела е разумна и основана. Затоа е добро тоа да биде регулирано во Законот за трговија, со конкретно дефинирана висина на надоместокот за работниците од трговијата кои ќе работат во недела.
Од ССМ, пак сметаат дека треба да се уреди зголемување на додатокот на плата за работа во недела за најмалку 100 отсто за секој час поминат на работа за сите работници од дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, исто како што е утврдено во предлог измените на Законот за трговија од страна на МТСП и Министерството за економија. Од Синдикатот бараат и работници кој влегуваат во исклучоците и кој ќе работата во недела да добијат ден за неделен одмор во денот пред односно во денот по недела во која би работеле.
ССМ смета дека помошните и придружни дејности односно работни места кои се предвидува да работат во недела не се прецизирани и не се дефинирани во законот и оваа формулација не е јасна и општа, па истата може да биде извор на манипулации и злоупотреби. Оттааму потенцираат дека со таквата нејасна формулација всушност недела ќе стане работен ден за најголем број работници.
-ССМ не се согласува, законските измени со кои ќе се уреди недела за неработен ден да се одложат со почеток од јануари 2022 година како што предлага Министерството за труд и социјална политика, ССМ укажува дека договорот кој е направен на последната седница на Економско социјалниот совет во февруари 2021 година, на која се разговараше законското решение за недела неработен ден мора да се почитува, а не да се менува по желба и на штета на работниците, се вели во соопштението од ССМ.
Од Владата пак велат дека се предвидува работното време на трговските центри да биде од 10 до 18 часот, тоа значи дека во недела ќе биде ангажирана само една смена, поради што бројот на лицата кои ќе работат во недела ќе се преполови. Овие лица за работата во недела ќе добијат за 100 проценти повисока дневница.
-Барањата на работниците се испочитувани, долго ја водиме дебатата за да дојдеме до решение кое ќе биде и во интерес на работниците, но и кое нема драстично да и наштети на економијата, нагласи вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Според МТСП, забелешките што претставниците на работниците ги имаа во делот на примената на законските решенија, но и во делот на придружните дејности ќе бидат сериозно разгледани, по што ќе се заокружи процесот на дефинирање на предлог-законските решенија.

(А.С.)