Професорот на Новиот бугарски универзитет, математичарот Лачезар Томов, го критикуваше претстојното отворање на рестораните и трговските центри во Бугарија.
-Многу е рано за тоа што се прави, коментираше Томов за бугарското Националното радио, по одлуката за олабавување на ограничувачките мерки од утре, 1 април.
„Бројот на хоспитализирани може да се намалува, но таквата бројка не е причина за голема надеж доколку повторно ја отвориме земјата“, додава Томов.
Според него, доколку Бугарија се отвори сега, во следните неколку недели лесно може да се дојде до бројка од 12-15 000 хоспитализирани лица.
-Очигледно, британската верзија е многу потешка за контролирање од другите мутации, изјави бугарскиот порфесор.
„Нема стремеж кон усогласеност со нормалните стандардни мерки. Нема казни во продавниците и трговските центри за луѓето кои носат маски под носот или се без маски или шалови. Затворањето не е апсолутно неизбежно, но мора да има процент на почитување на стандардните мерки, како, на пример, во Сингапур или Јапонија, за да се избегне или да се одложи што е можно повеќе. Ние имаме процент од околу 40 отсто почитување на стандардите, според индексот на Оксфорд“, изјави Томов.
Болничкиот систем во Бугарија и сега е капитулиран, смета тој, бидејќи во моментот една медицинска сестра на интензивна нега опслужува 20-30 пациенти. Според него, сега во Бугарија има „зголемена смртност, што е многу над официјалната во земјата“.