Папата Франциск пристигна во историска посета на Ирак, што е негово прво патување во странство по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Папата ќе изрази поддршка за христијанската заедница и ќе се состане со највисокиот шиитски муслимански свештеник
Поглаварот на Римокатoличката црква, папата Франциск, денеска пристигна во посета на Ирак која ќе трае до 8 март. Тоа е негово прво патување во странство во изминативе 16 месеци, што е поврзано со пандемијата на коронавирусот. 84-годишниот понтиф, кој е вакциниран против ковид-19, очигледно има намера да продолжи со патувањата и покрај пандемијата
Главната причина на Франциск да го направи првото папско патување во Ирак е да ги охрабри христијаните во земјата, кои се соочуваа со децении дискриминација од ирачките муслимани пред да бидат прогонувани од групата Исламска држава, почнувајќи од 2014 година. Во центарот на Багдад се поставени билборди со ликот на Папата за добредојде на поглаварот на Римокатоличката црква, со натпис „Сите сме браќа“.
Ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин изјави дека Ирачаните со нетрпение ја очекуваат „пораката за мир и толеранција“ на папата.
Папата в недела ќе одржи миса на стадионот во Ербил, во ирачки Курдистан, а ќе го посети и Мосул, поранешната престолнина на Исламска држава. Во пресрет на својата посета папата испрати порака до Ирачаните дека доаѓа „како аџија на мирот по повеќе години војна и тероризам“.
„Доаѓам како аџија да му се молам на Господ за прошка и мир по повеќе години војна и тероризам и доаѓам кај вас како аџија на мирот“, рече папата во видеопораката објавена вчера.
„Конечно доаѓам кај вас. Толку многу сакам да ве сретнам, да ги видам вашите лица, да ја посетам вашата земја, античката и исклучителна колевка на културата“, додаде тој.
Тој исто така рече дека „сака да се моли заедно со браќата и сестрите од други верски традиции“. Тој ги нарече Ирачаните „едно семејство на муслимани, Евреи и христијани“.
„Пред очите сѐ уште ви се слики од уништени куќи и осквернавени цркви, а на срцето рани поради прекинатите врски и напуштените домови“, рече тој во дел од пораката до христијаните што сè уште живеат на ирачка територија, споменувајќи и „преголем број маченици што ги даде земјата“.
За време на четиридневната посета на земјата, папата ќе изрази поддршка за христијанската заедница и ќе се состане со највисокиот шиитски муслимански свештеник, 90-годишниот велики ајатолах Али ал-Систани.
Папата нема да влегува во толпи, што инаку радо го прави, бидејќи во земјата е во сила општ карантин од петок до понеделник. За време на патувањето од место до место најверојатно ќе се движи во блиндирано возило.
Ова е 33. патување на папата и тој треба да се врати во Рим в понеделник наутро.
По падот на Садам Хусеин во 2003 година, од Ирак избега мнозинството ирачки христијани. Од некогашните 1,5 милиони христијани, во Ирак денес, според проценките, се останати само помеѓу 200 и 400 илјади христијани.