Придавката „македонски“ била и ќе биде во записниците од работата на Мешовитата комисија со Бугарија, уверува професорот Драги Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим историчари во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија. Ѓоргиев појаснува дека напредокот што е постигнат на средбата на никаков начин не ја засега употребата на придавката „македонски“ за именувањето на народот, јазикот и историјата, како што објавија некои медиуми. Напредокот што е постигнат, вели Ѓоргиев, се однесува на техничко ниво, односно за да нема блокада во работата, договорено е во записниците дословно да се цитираат дискусиите на двете страни, со оглед дека и двете страни остануваат на своите позиции околу придавката.
– Дискусиите ќе се цитираат точно онака како што ги кажале дискутантите. Притоа мора да кажеме дека придавката „македонски“ беше во употреба и пред тоа и сега е во употреба. Само во одредени ситуации тие инсистираат таа придавка согласно со Преспанскиот договор и согласно со договорот што го има меѓу Македонија и Бугарија за јазикот, тука да се применува тој договор. И не станува збор за апсолутно целосно не употреба на придавката „македонски“. Во историски концепт таа придавка ќе се употребува, македонски народ, македонска нација… Значи на технички начин сите дискусии и нивните и нашите ќе бидат целосно пренесени во записникот, истакна професорот Ѓоргиев во изјава за Канал 5.
Претходно, од Комисијата категорично ги отфрлија информациите дека придавката „македонски“ се заменува со уставното име Република Северна Македонија и дека придавката „македонски“ ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата.
-Членовите на македонскиот тим во Комисијата би сакале да ја информираат јавноста во однос на неточните и нецелосни информации кои се појавија во јавноста во врска со вчерашната виртуелна средба на која беше усогласен записникот од деветтата средба. Имено, категорично ги отфрламе невистините дека придавката „македонски“ се заменува со уставното име Република Северна Македонија и дека придавката „македонски“ ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата, наведуваат од македонскиот тим на Комисијата.
Оттаму потенцираа дека на средбата било постигнато техничко решение со кое одредени проблеми биле надминати, при што секоја страна останала на своите ставови и позиции во контекст на проблематичните прашања во содржината на записниците.
Ваквата реакција од македонската страна од Комисијата следуваше откако дел од медиумите викендов објавија дека придавката “македонски” ќе се користи само во цитатите од записниците, а во официјалните заклучоци од средбите ќе се употребува уставното име на земјава.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ и Зоран Заев единствено ги бранат бугарските интереси.
На средбата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија во петокот, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба беше постигнат напредок. Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот. На онлајн состанокот во петокот на кој учествуваа по тројца претставници од двете страни, беше предвидено да се разговара само за текстовите на записниците што сè уште не се потпишани, но не и за какви било историски прашања. Во периодот до наредната редовна средба, во полн состав, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од десеттата и за записникот од последната, единаесеттата средба на Комисијата. Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември минатата година.