Со Рисима Рисимкин, кореограф, уметнички директор на меѓународно реномираниот “Скопје танц фест“, основач на културниот центар „Интерарт“ за современ танц, а од  декември 2020 и декан на Катедрата за современ танц на државно ниво, при Универзитетот „Гоце Делчев“, разговаравме за местото на македонскиот современ танц во светски рамки. „Круна на нашето постоење, нашата борба за квалитет и градење на висококвалитетен уметнички профил е гостувањето, кое нè очекува следната сезона во Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, каде треба да имаме три претстави во ударен термин, што претставува наша „уметничка сезона“ во еден од најпрестижните светски театри “, вели  Рисимкин, која за весникот ВЕЧЕР зборува токму за сработеното и плановите поврзани со оваа област на уметноста 

 

 

Со оглед дека пандемијата буквално го сопре светот на танцот, како би ја оцениле состојбата во Македонија за минатата година?

2020 беше година во која хоризонтите не се согледуваа, нè преклопи со својата непробојност, се чувствуваме како фатени во замка, со нејасен поглед каде се движиме. Интерарт културниот центар лани, на патот кон своето четврт век постоење (Центарот е основан во 1996 и во 2021 слави 25 години постоење) забрзано чекореше, со цел да не ја прекине нитката на креативност, уметничкиот порив и културното живеење. Создаде три нови премиери за Скопје тaнцовиот театар; програмата на единствениот фестивал кај нас посветен исклучиво на танцот “Танц Фест Скопје“, ја направи на исклучително високо ниво, со учество на уметници-гости од САД. На ниеден начин не дозволивме да застанеме, а од оваа година на „опасно живеење“ која ја оставивме зад нас излеговме искалени со нови сознанија и поставивме основа за еден, поинаков понатамошен развој. Можеби сме едни од ретките, кои ги остваривме сите зацртани проекти со што повторно застанавме на страна на уметноста, која ќе ги преживее сите премрежија, вистински ќе дише, со полн здив.

Тешкотиите и бремето кое минатата година го донесе, го сфативме како испит за нас, нашите можности, креативни граници и хоризонти. Да се застане во уметноста значи, да умреш, да не дишеш, што за мене никогаш не било опција.

Интерарт е центар кој својот развоен пат го минал низ исклучително тешки околности, кои беа поттик, не препрека. И овој пат успеавме креативно да се изразиме, да не застанеме и да продолжиме да дишеме.

Од архивата на Интерарт културен центар

Што е она што Интерарт културниот центар и вие како кореограф успеавте во 2020 да реализирате и покрај целата ситуација?

Зад нас е плодна година, го одбележав Јубилејот 30 години кореографско творештво во рамки на реномираниот фестивал Охридско лето со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“. Претставата се одржа во историскиот простор, предворјето на црквата „Св. Софија“ и беше вечер за паметење. Фестивалот „Танц Фест Скопје“ се одржа наместо во април, во септември; отидовме на отворена сцена и мислам дека имавме одлично издание. За првпат имавме фокус на земја, тоа беше програмата Фокус: САД и многу сум задоволна, што и во услови на пандемија, американските уметници дојдоа и ја споделија својата уметничка енергија со нашата публика. Воедно имавме презентација на македонски кореографи, а Скопје танцовиот театар имаше уште две продукции, на млади македонски кореографи: „Дома“ на Адријана Данчевска и „God Speed“ на Дејан Битровски. Во 2020, дури имавме и гостување, на Интернационалниот фестивал за соло танц, во Анкара, Турција. Во склоп на новонастанатата ситуација, објавивме бесплатно дел од својата архива онлајн, со цел да ја споделиме радоста на танцувањето во овие тешки услови.

 

 

Од архивата на Интерарт културен центар

Како младите танчари и кореографи се справија со целата ситуација и дали има пад во интересот на младите за современ танц?

Целата ситуација многу се одрази на поимувањето за тоа на кој начин треба да се практикува уметничката игра, т.е. современиот танц. Сите се соочивме со многу прашалници, но воедно, почнавме да ја развиваме креативноста на еден поинаков начин. Не беше лесно, моравме да најдеме начин да продолжиме со работа, и тоа да е интересно и креативно. Мислам дека во моментот кога повторно влеговме во студио, почувствувавме една огромна енергија, која не водеше кон нови хоризонти. Младите со голем елан го прифатија долгоочекуваното враќање во студио и на сцена, а креативноста се подигна нивото на возбуда, што резултуираше со ексклузивни резултати. Нема пад во интересот, тешкотијата е во пронаоѓање вистински начини на делување, употреба на нови средства во комуникација. Мислам дека изведувачките уметности во целост се преиспитуваат во однос на значењето, делувањето и комуникацијата со публиката.

Со кои проекти конкуриравте оваа година во Министерството за култура и што е, според Вас, најзначајно во Вашата програма?

Ова време е период во кој ги жнееме резултатите на семето кое го посадивме пред извесен број години. 2021 е година на два, за нас многу значајни јубилеи. Интерарт културниот центар прави 25 години од своето постоење. Центарот успеа во изминатиов период да направи огромен број на настани, манифестации, конференции во кои за танцот се зборуваше на највисоко ниво, да издаде повеќе книги за „Уметноста на танцот“, од кои една е поддржана од УНЕСКО. Организираше расправи во кои учествуваа голем број на интелектуални умови и новинари од земјава и од странство, кои почнаа да расправаат за танцот на еден поинаков начин и таа уметноста се повеќе стануваше наша, заедничка. „Увезовме“ едукативна програма на универзитетско ниво за современ танц или уметничка игра, која во моментов со полни крилја се развива во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ и им овозможува на студентите исклучително квалитетна едукација, која е привлечна и за студенти од странство.

Скопје танцовиот театар во изминативе 10 години успеа да се профилира како исклучителна компанија, која потврдата за својот квалитет ја добиваше низ годиниве најмногу надвор, со покани за гостување на највисоко ниво на фестивали и театри од целиот свет.

Дали би можеле да издвоите некој проект како особено значаен?

Круна на нашето постоење, нашата борба за квалитет и градење на висококвалитетен уметнички профил е гостувањето, кое не очекува следната сезона во Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, каде треба да имаме три претстави во ударен термин, што претставува наша „уметничка сезона“ во еден од најпрестижните светски театри. Со дел од програмите, кои ги планираме низ целава година, а кои ќе започнат за многу краток период, веќе на почетокот на февруари 2021, конкуриравме во Министерството за култура, очекуваме поддршката да продолжи, со оглед на квалитетот на нашата работа, како и поддршката и можностите кои центарот и нашите програми ги даваат на младите уметнички сили и нивниот развој. Интерарт културниот центар е веќе профилиран како сериозна институција на нашава културна сцена и мислам дека сите наши програми се значајни, бидејќи го креираат мозаикот на културно живеење во областа на современиот танц и уметничката игра, создаваат платформа за пласман и развој на млади уметници.

Од архивата на Интерарт културен центар

Дали веќе се размислува и преговара за програмата за Танц фест 2021 и можните гостувања од странство?

Танц Фест Скопје, годинава заради пандемијата, ќе се одржи во периодот од 1 до 6 јуни 2021, на отворена сцена. Тоа ќе биде 17. издание на фестивалот и за првпат ќе претставиме дел од соврeмената танцова сцена во Грција, а партнер во оваа програма ни е „Оназис фондацијата“ од Атина, Грција, што исклучително ме радува. Нашата публика нема многу сознанија за случувањата на грчката современа сцена, која е квалитетна, активна и импресивна. Очекуваме делегација на фондацијата „Оназис“ да дојде во Скопје, некаде кон крајот на февруари или почетокот на март годинава. Во програмата ќе имаме гостувања и на повеќе театри од регионов, Холандија, Австрија, а ќе има и вечер на македонски кореографи, бидејќи сметаме дека фестивалот е исклучителна платформа за нови креативци. Во септември, нè очекува една поголема турнеја, ако околностите дозволат да патуваме. Скопје танцовиот театар треба да настапи меѓудругото и на фестивали во Берлин, Германија и Кјото, Јапонија.

Успеавте едукацијата за современ танц да ја издигнете на највисоко академско ниво, оформивте Катедра за современ танц, на државно ниво, при Универзитетот „Гоце Делчев“ каде од декември 2020 сте и деканка. Кои се плановите за оваа година?

Многу сум задоволна од тоа што едукативната програма на универзитетско ниво, која ја „увезовме“ од Холандија, го најде својот вистински дом, при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тоа е една извонредна високообразовна институција која работи по највисоки стандарди, во која на младите им се посветува големо внимание со цел, тие да дојдат до вистинско образование. Катедрата за современ танц при УГД, нуди уникатна едукација, продуцира танчари, а многу скоро ќе имаме и студии од втор циклус, мастер студии за кореографија и педагогија. Нашата цел е да станеме европски центар, ние сме први кои „урбаните стилови“ на танц ги внесоа во нашата универзитетска едукација, во тој правец ќе соработуваме со познатиот светски кореограф Мурад Мерзуки, чиј „Пиксел“ своевремено, ја одушеви скопската публика. Сакаме да привлечеме студенти од целиот свет и на добар пат сме тоа да го оствариме. Во моментов, според највисоки стандарди го подготвуваме просторот кој универзитетот го доби на користење во Скопје. На мастер студиите ќе соработуваме со светски реномирани универзитети и танцови академии и навистина се радувам на предизвикот!

Даниела ТРАЈКОВСКА