Намален бројот на новозаразени и смртни случаи од ковид-19

697

Помалку новозаразени, но и помалку хоспитализирани и смртни случаи поради компликации од ковид-19 изминатиот период. Бројки какви што немавме со месеци. Од Министерството за здравство викендов информираа дека за еден ден во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 19 пациенти. Вкупно 374 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Според податоците од саботата, регистрирани беа нови 46 случаи на ковид-19 од 378 тестирани, а 12 пациенти починале, сите во болнички услови. Новозаразените се во: Скопје-22, Куманово-2,  Прилеп-1, Тетово-1, Струга-7, Охрид-3, Кавадарци-4, Гостивар-3, Македонски Брод-1, Ресен-1, Неготино-1, соопшти Министерството за здравство.

Од ресорното министерство вчера соопштија дека во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 104 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 128 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 33 пациенти. Вкупно 374 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови, како што посочуваат од Министерството, е намален и до вчера утрото до 8 часот имало 130 слободни места, а се очекуваше во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата, заклучно со податоците од саботата изнесува 83789, бројката на оздравени пациенти е 62469, на починати е 2522, а бројот на активни случаи изнесува 18.798.