Скопјанецот Драган Цветиќ има изработено над илјада верни реплики од моќните воени летала

1175

Драган Цветиќ е првиот мaкетар професионалец во Македонија кој живее од својата работа. Тој изработува макети на воени воздухоплови и преку интернет ги продава на колекционери од целиот свет. – Од мал сум сакал воена авијација. Уште кон крајот на 80-тите години од минатиот век над Скопје нон-стоп летаа јастреби, галеби и орли на ЈВВ и на Југословенското воено воздухопловство и противвоздушна одбрана. Сакав да ги гледам, да учам за нив и на крај да ги изработувам во размер како верни реплики на оригиналот. Кога тргнав во основно училиште, татко ми ми купи макета на миг-21 во размер 1:72. Тоа ми беше првата макета во животот и беше некаде околу 1990 година, раскажува Цветиќ.

Откога се занимава со ова хоби досега има направено над илјада макети, а моментално кај него во витрина има околу сто завршени макети во различни размери. Со некои од неговите макети на воздухоплови има учествувано на многу натпреварувања на целиот Балкан, но и во нашата држава и освоено многу награди

Едно од најпопуларните хобија на младите луѓе во поранешна Југославија, повторно доживува свој подем во Македонија. По повеќедецениско замирање на макетарството во Скопје, веќе неколку години (од јануари 2015 година) функционира макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ кој обединува ентузијасти од оваа област.

Еден од нив е нашиот соговорник Драган Цветиќ кој е првиот макетар професионалец во Македонија и живее од својата работа. Тој изработува макети на воени воздухоплови и преку интернет ги продава на колекционери од целиот свет.

– Од мал сум сакал воена авијација. Уште кон крајот на 80-тите години од минатиот век над Скопје нон-стоп летаа јастреби, галеби и орли на ЈВВ и на Југословенското воено воздухопловство и противвоздушна одбрана. Сакав да ги гледам, да учам за нив и на крај да ги изработувам во размер како верни реплики на оригиналот. Кога тргнав во основно училиште, татко ми ми купи макета на миг-21 во размер 1:72. Тоа ми беше првата макета во животот и беше некаде околу 1990 година – раскажува Цветиќ.

Хобито на овој 37-годишен скопјанец бара многу трпение, љубов и посветеност. Вели дека оние кои го познаваат подолго време, вклучително и неговите родители, правењето на макети на воени авиони го сметаат за многу интересно и необично. Вели дека секој од нас се насочува кон некој период за инспирација, како што нему му се воените воздухоплови од студената војна.

– Дури и луѓето кои не се упатени, кога првпат ќе слушнат или видат дека некој се занимава со нешто вакво, веднаш им станува интересно и ме потпрашуваат околу моево хоби – вели Цветиќ.

Макетите ги набавува во форма на кит, тоа се фабрички делови од кои се склопува макета во даден размер.

– Материјали како бои, лепаци, лакови, алати и други дополнителни материјали за надградување на ниво на детали, како и самите макети ги набавувам исклучиво од странство. Кај нас одвреме-навреме има по нешто во некоја продавница за играчки или книжарница, ама тоа никогаш не е константна понуда на материјали и макети од повеќе производители. Кога некој како мене се занимава долго време и професионално со ова хоби, не може да се потпре само на еден производител на макети и материјали – додава Цветиќ.

Многу идеи и насоки да го унапреди ова свое хоби добива со читање наменски списанија за кои вели дека ги има во голем број.

– Тоа го следам на месечно ниво и се обидувам да ја применам речиси секоја новина која ми одговара во процесот на изработка, а сè со цел да се подигне нивото на квалитет на завршената макета – вели нашиот соговорник.

Откога се занимава со ова хоби досега има направено над илјада макети, а моментално кај него во витрина има околу сто завршени макети во различни размери. Со некои од неговите макети на воздухоплови има учествувано на многу натпреварувања на целиот Балкан, но и во нашата држава и освоено многу награди.

– На натпревари досега имам одено низ цел Балкан, како и кај нас. Имам судено на многу натпревари, како и освоено огромен број награди. Кај нас сцената е неразвиена и ние со нашиот клуб во последниве 5 години пробуваме да го подобриме тоа. Одржуваме годишни изложби и натпревари еднаш годишно кои имаат меѓународен карактер, бидејќи имаме гости од цел Балкан и пошироко. За жал, во време на пандемија сето ова е ставено во мирување и се надеваме дека во наредниве години ситуацијата ќе се подобри, па ќе можеме за година или две, повторно да одржиме изложба и натпревар во Скопје – вели Драган Цветиќ.

По толку години занимавање со ова хоби, Цветиќ вели дека помалку или повеќе ги познава сите како него кои во нашата држава изработуваат макети на воени авиони.  Хобито му овозможило да се знае лично и да има одлична комуникација и соработка со повеќето макетари од земјите на поранешна Југославија, но и од речиси сите континенти.

Тој и неговата група ентузијасти се обидуваат своето знаење да го пренесат и на помладите генерации преку организирање на макетарска изложба во Скопје која е со меѓународен карактер.

– Самостојна изложба не сум имал бидејќи тоа го организираме екипно и во рамки на клубот, па сите кои сме членови ги изложуваме нашите направени макети. Во иднина, како што кажав, со клубот планираме да одржиме повторно изложба, но за тоа ќе почекаме да помине пандемијата, потенцира Цветиќ.

За крај на разговорот ни откри дека планира да се занимавам со ова до крајот на животот.

– Да завршам што е можно поголем број на квалитетно изработени макети и да одам на натпревари во странство кога тоа ќе биде можно по крајот на пандемијата, ни рече Цветиќ.

Ако некогаш сте се запрашале како изгледа изработка на макета од почеток до крај, имате шанса тоа да го видите. Цветиќ има изработено видео и постирано на јутјуб-каналот каде што во детали и сликовито го прикажува секој дел од изработката на макетата, чекор по чекор. Уживајте во видео изработката на некогаш гордиот бранител на нашето небо Сухои Су-25 во размер 1:72.

Светлана БЛАЖЕВСКА