Во напуштениот објект на ,,Вато“ спроти старо сајмиште слободно може да се снима хорор филм бидејќи внатрешноста и амбиентот се токму за ваков жанр. Ѕидови без прозорци и врати со испоркршен инвентар и разновидно ѓубре кое тука го носат луѓе/фантоми кои овој објект го населиле и овде преноќуваат.
А и дворот околу овој одамна напуштен објект кој како чир е во центарот на градот, е вистинска депонија. Од градежен шут до пластика, остатоци од иверки, искината облека и мебел….. и сето тоа на очиглед на сите кои поминуваат покрај булеварот „Гоце Делчев“ во близина на поранешниот саем.
Инспекторат на град Скопје пред една година ја задолжи компанијата ,,Вато“ ДОО Скопје, сопственик на објектот да го расчисти просторот од диво населени лица и од дивите депонии.
– Правниот субјект постапи по решение на инспектор за животна средина на град Скопје и објектот се чисти и заградува. Внатре во просториите на објектот диво населени се преку 30 лица. Спречен е напад врз инспекторот за животна средина. Известени се Министерството за внатрешни работи на локација е присутен еден полицаец – информираа тогаш од Град Скопје.
Но, оттогаш до сега ниту објектот е исчистен, а ни дворот ограден. Добро би било од Инспекторатот на Град Скопје повторно да поминат покрај овој објект и да направат нешто бидејќи оваа грда слика со себе ја носат сите патници намерници кои ја посетуваат македонската метропола.
(С.Бл.)