Почна конкурсот за третиот меѓународен фестивал на краток филм „ФИЛМАЈ 2021“ кој го организира Фото-кино клуб „Козјак“ Куманово, соопштија од клубот.
На конкурсот можат да се пријават кратки играни и документарни филмови со траење до 20 минути, ќе бидат прифатени и пријави за експериментални филмови (изземајќи ги анимираните).
Учесниците треба да конкурираат со филмови кои се завршени по 1. јануари 2018 година. Пријавувањето за учество е преку платформата FilmFreeway (линк) Од Фото-кино клуб „Козјак” известуваат дека пријавувањето ќе трае до 15 март, идната година. На конкурсот ќе се доделат четири награди , „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија, „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија/кинематографија, „Козјак“ за најдобро сценарио, награда за најдобар македонски (домашен) филм.
Организаторот одлучи пријавувањето на конкурсот за македонски кратки филмови да биде бесплатно, со намера да се поттикне продукцијата и прикажувањето како и да се создаде и негува желба кај публиката за уживање на кратки филмови. Детали за фестивалот со известувања и новости ќе може да се следат на ФБ страна на фестивалот ФИЛМАЈ. Фестивалската веб-страна е: http://filmay.kozjak.mk-известуваат од клубот. Информација за членови на жирито за годинешниот фестивал, дополнително ќе биде објавена, резултатите од конкурсот ќе бидат соопштени на 3 мај идната година.
Планирано е фестивалот да се одржи на 28 мај. Првото издание на фестивалот се одржа на 29 мај 2019 година, во Занаетчискиот дом Куманово и присуствуваше многубројна публика. Оваа година, поради пандемијата фестовалот се одржа во Центарот за култура и согласно протоколите имаше 110 граѓани кои го проследија фестивалот.