За осум месеци изгубени близу 16.000 работни места, само во октомври над илјада

Во октомври првпат од почетокот на годинава Агенцијата за вработување регистрира раст и на бројот и на пасивните баратели на работа. Во октомври како „други лица кои бараат работа“ се пријавени 85.932 граѓани, што е за околу 3,5 илјади повеќе отколку во септември. Причина за зголемување на бројот на оваа категорија евидентирани невработени е помошта од 6.000 денари за купување домашни производи и услуги што им следува со четвртиот пакет владини антикризни мерки

134

За уште околу 2,5 илјади лица во текот на минатиот месец е зголемен списокот на невработени кои активно бараат работа што го води Агенцијата за вработување.

Во октомври како активни баратели на работа се запишани 153.799 лица, што е зголемување на бројот на невработени во однос на март кога кај нас се појави пандемијата, за повеќе од 46 илјади лица.

Според Агенцијата за вработување меѓу новите невработени околу 16.000 се жртви на економската криза, односно биле вработени, но во последните седум месеци го изгубиле работното место.

– Со состојба на 31.10.2020 година евидентирани се 15.858 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11. 3. 2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19 вирусот, појаснуваат од Агенцијата.

Во однос на септември, во октомври бројот на изгубените работни места е зголемен за 1.039. Овој број е релативно мал ако се спореди со претходните месеци, но треба да се има предвид дека од овој месец почна исплатата на помошта за плати за чие добивање еден од условите е да не се намалува бројот на вработените, а исто така се дозволува на работа да се вратат претходно отпуштените работници.

Во октомври за прв пат од почетокот на годинава Агенцијата за вработување регистрира раст на бројот и на пасивните баратели на работа. Во октомври како „други лица кои бараат работа“ се пријавени 85.932 граѓани, што е за околу 3,5 илјади повеќе отколку во септември. Причина за зголемување на бројот на оваа категорија евидентирани невработени е помошта од 6.000 денари за купување домашни производи и услуги што им следува со четвртиот пакет владини антикризни мерки. Претходно, во периодот од јануари до септември бројот на овие лица кои не се редовни на пазарот на труд падна за повеќе од 4.000, но во тој период тие не добиваа никакви бенефиции ниту од државата ниту преку Агенцијата за вработување.

Меѓу 153.799 невработени активни баратели на работа евидентирани до крајот на октомври има и 993 магистри и 30 доктори на науки. Октомврискиот прилив на невработени по разни основи за малку надминува 8.000, од кои за прв пат како невработени се пријавиле околу 1.400, а од евиденцијата на пасивни баратели во активни преминале 603 лица. Во октомври се регистрирани и 3.792 вработувања.

(С.В.)