„Секој еден од нас има одговорност за грижа за сопственото здравје, но и грижа за здравјето на своите најблиски. Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичко растојание, како и честото миење на рацете, во моментов се единствените мерки кои може да го спречат ширењето на коронавирусот”, наведуваат од Министерството за здравство. Токму кон овие мерки се придржува и македонската естрада која е една од најпогодените со пандемијата и која многу финансиски ја чувствува кризата.

Станува збор за тоа дека е во тек кампањата „Носам маска“ преку која нашите естрадни ѕвезди Влатко Стефановски, Никола Перевски Пере од „Нокаут“, Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Ружица Милошеска-Брчиоска, од групата „Ареа“ ни порачуваат дека носењето маска значи наскоро отворање на концертни сали, дружење со фановите, но и лична грижа, и одговорност за здравјето и на сите останати.

-Мора така поинаку не, велат пејачите. Ако продолжи лошата ситуација со вирусот којзнае што ќе биде со сите нас. Не е работава да живееме во страв и ако стравот постои, не знаеш кај можеш да се инфицираш, туку работава е во соодветна заштита. Затоа е и оваа кампања во која зедовме активно учество со задоволство и одговорност. Цврсто веруваме дека нашата порака ќе допре до секој човек во Македонија…. (Д.М.)