Најголемиот талент во Формула 1, Макс Верстапен, даде изјава во која на некој начин го омаловажува успехот на Луис Хамилтон, иако во минатото зборуваше со почит за британскиот возач.

Холанѓанецот е трет во генералниот пласман, веднаш зад Луис Хамилтон и Валтери Ботас, и е единствениот што му се спротивстави на супериорниот болид на Мерцедес. Експертите се согласуваат дека младиот возач на Ред Бул извлекува максимум од болидот, едноставно не може подобро, но сето тоа е доволно само за третата позиција во генералниот пласман.

Новинарите се прашуваа дали таквата ситуација го фрустрира, а Верстапен распали од прва.

  • Не, не сум затоа фрустриран. Јас многу го почитувам постигнатото. Не сум фрустриран што Луис е во болидот на Мерцедес. Искрено, 90% од возачите би ја освоиле титулата со тој болид. Немам ништо против Луис, тој е одличен возач, но болидот е многу доминантен, изјави 23-годишниот Холанѓанец.

Потоа, Верстапен малку ја ублажи изјавата.

  • Добро, можеби другите не би биле доминантни како Луис, но прифатете ја ситуацијата во која се наоѓате и обидете се да извлечете максимум од неа. Јас не сум фрустриран. Повеќе сум фокусиран на тоа што можеме да сториме за да се обидеме да ги победиме, додаде Верстапен.