За прв пат годинава  вакцинација против сезонски грип за здравствените работници е овозможено да се спроведува во нивните матични установи, наместо како досега да  одат во Центрите за јавно здравје. Вакцината за нив е бесплатна. Ќе се опфатат здравствените работници кои пројавиле интерес за вакцинација од јавно-здравствените установи во државата, информираат од Министерството за здравство.

-На овој начин, вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на КОВИД-19 пандемија е многу значајна. Во првата испорака до установите се обезбедија 2790 вакцини. Во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници, се наведува во соопштението.​

Вакцинацијата против сезонски грип, почна во вторникот, а граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. За оваа година, набавени се 40 илјади дози, 12 илјади дози повеќе од минатата година.

-Трета година обезбедуваме бесплатна вакцинација за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години. Како никогаш досега, оваа сезона од особена важност е спроведувањето на вакцинацијата против грип кај здравствените работници, со што ќе се намали заболување помеѓу нив и другите даватели на здравствени услуги кои се од суштинско значење во одговорот на коронавирусот, посочуваат од Министерство за здравство.