Градот Скопје ги избра фирмите кои ќе ги изработат проектите – техничката документација за партерно уредување на трите летни отворени сцени во Градскиот парк, по избраните идејни решенија.
Станува збор за летната отворена сцена во првиот дел од Градскиот парк, односно во непосредна близина на езерцето, потоа во Градскиот парк спроти Институтот за сточарство и летна отворена сцена во вториот дел од Градскиот парк, во непосредна близина на Кајак Кану клубот.
Проектот за летната отворена сцена во непосредна близина на езерцето ќе го изработи Друштвото за проектирање, инженеринг и трговија „Формика Плус“ ДООЕЛ, за летната отворена сцена во Градскиот парк спроти Институтот за сточарство, Архитектонскиот факултет, додека проектот за летната отворена сцена во вториот дел од Градскиот парк, во непосредна близина на Кану Клубот, ќе го работи Друштвото за проектирање, проценка, консталтинг и инженеринг „Радиус Архитекти“.
Вредноста на договорите и со трите фирми што поодделно ги склучил Градот со нив е по 260.746 денари. Тие имаат рок од 20 дена од денот на склучување на договорите да ги изработат основните проекти.
Во средината на локацијата на летната отворена сцена во непосредна близина на езерцето во Градскиот се наоѓа Езерце. Нејзината површина е 5.000 квадратни метри. Бината ќе биде сместена во самото Езерце со дијаметар од 12 метри. Таа ќе биде поставена на 20 сантиметри над водената површина. Ќе биде од фино завршена монтажна армирано бетонска плоча која стои на тенки армирано бетонски столбови и ќе биде поврзана со копното, со мост (рампа) во должина од 8 метри и ширина од 1.2 метри.
Освен тоа, ќе се реконструираат и надградат постојните трибини (скали) на јужната страна долж езерото, ќе се направат нови трибини (скали) на северната страна долж езерото, нови монтажни бетонски елементи на постојниот насип на северната страна од езерото и ќе се адаптира постојното хортикултурно решение на ново предвидената состојба.
Локацијата каде што ќе биде летната отворена сцена спроти Институтот за сточарство во Градскиот е со површина од околу 8.000 квадратни метри.
Летната сцена ќе биде поставена асиметрично во однос на подолгата страна и на локацијата, поместена делумно кон исток. Ваквата поставеност на сцената е да се создадат две гледалишта, едно поголемо и едно помало.
Сцената е составена од армирано бетонска бина подигната 40 сантиметри над теренот и челична носечка конструкција. Главната челична конструкција е прицврстена со зглобови за армирано бетонската подлога, со што, самата сцена има можност да ротира 90 степени околу хоризонталната оска (во зглобовите) и да биде фиксирана во две различни позиции, легната и исправена.
Кога сцената е поставен во легната положба, тогаш е отворена и ориентирана кон запад и е наменета за концерти со поголема публика. Гледалиштето во овој случај се оформува со преместување на трибините кои во оној период кога нема организиран настан на сцената се поставени околу стеблата на поголемите дрвја и имаат улога на клупи наменети за посетителите на паркот. Капацитетот на гледалиштето и на сите трибини со седење е за околу 250 лица. Корпите за отпадоци се поставени како составен дел на секоја од трибините. Тие се состојат од две засебни дела, еден за смет од домашни миленици и друг за отпадоци од корисниците на паркот и сцената.
Кога сцената е поставена во исправена положба, тогаш таа е соодветна за кино проекции или театарски сценски настапи. Гледалиштето за оваа конфигурација на сцената е со капацитет од 64 места за седење, поставени на растојание од два метри. И во двата случаи подиумот на летната отворена сцена е пристапен за лица со посебни потреби.
На паркингот од јужната страна ќе има и паркинг за велосипеди, со пренамена на неколку паркинг места за автомобили. На трибините и на коцките за седење ќе се вградат лед-светилки. Ќе има и фонтана за пиење вода како група од осум чешми. Таа ќе има и посебни места од кои вода можат да пијат домашни миленици.
Бината на летната отворена сцена во вториот дел од Градскиот парк во непосредна близина на Кајак Кану клубот претставува една рамка во која како кулиса се појавува еден пресечен конус.
Таа е со површина од 126 квадратни метри. Бината е подигната 30 сантиметри од земја.
Сцената ќе биде монтажна, комплетно изведена од челична конструкција. Кулисата ќе биде изведена во бакар, а бочните страни на сцената од челична мрежа обоена во бела боја. Кровот ќе биде од челичен пластифициран лим во бела боја.
Гледалиштето обезбедува сместување на 403 гледачи за седење и освен за седење може да се користи за понеформални собири и токму поради тоа не е предвидено поставување на столчиња или друга опрема. Ќе има и комбинирани канти за основен отпад и посебен дел за отпад од кучиња, потоа држачи за велосипеди и канделабри.
(А.П.)