Илина и Игор со љубов во нов почеток

5661

„Планинарење“ е насловот на книгата на македонската алпинистка и уметница Илина Арсова која беше промовирана во Младинскиот културен центар, а присутните на промоцијата, пак, можеа да ја видат и нејзината изложба „Повторно на 0“.

На промоцијата, за поддршка на Илина беше и нашиот актер и шоумен Игор Џамбазов чие присуство предизвика интерес кај присутните исто колку и самата изложба и книгата на Илина. Иако досега не потврдија дека се во врска, заедничките фотографии што ги објавуваа на социјалните мрежи само потврдуваа дека се среќни заедно и дека уживаат во љубовта далеку од јавноста.

Афирмираната алпинистка за изложбата вели дека враќањето од Антарктикот на самиот почеток од годината и завршувањето на мисијата „7 врвови на 7 континенти“, го доживеала како огромно олеснување, и истовремено како високо креативна храна за ликовното творештво.

„Сликарството прочистено од боја и форма, го заокружи циклусот, враќајќи се до почетната точка на скица и цртеж. Ликовниот израз во последните години доби нови димензии преку нови современи практики. Како најсвеж концепт го заокружувам и перформансот НУЛА (ZERO), каде уметникот се претопи во ликовното дело, начнувајќи нови, подлабоки теми на истражување. Токму перформансот НУЛА (ZERO), на некој начин го повика, или предвиде новиот почеток, каде светот сериозно треба да размисли во која насока треба да го насочи својот нов почеток. Да заземе одговорна, самоодржлива улога со поголема свесност и грижа кон природата или онаа лакомата, манипулативна, профитерска насока која веќе се докажа дека води кон самоуништување?“, посочува Арсова.