Состојбата во Словенија има драматичен тренд, не се исклучува повторно прогласување на епидемија

277

Само 39 нови случаи со коронавирус се потврдени во последните 24 часа во Словенија, но тамошната влада предупреди дека епидемиолошката ситуација во земјата е сериозна, а се очекува и влошување.

Тоа денеска го потврди и министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, кој на средбата со новинарите истакна дека последните податоци зборуваат за влошување на состојбата и дека во иднина не може да се исклучи повторно прогласување епидемија од Ковид-19 во Словенија.

Инаку, кон крајот на јуни Словенија прогласи „административен“ крај на епидемијата, како прва држава во Европа, откако повеќе денови немаше ниту еден заразен со коронавирус. Исто така одобри и олабавување на мерките, но вториот бран дојде пред очекуваното, откако минатиот четврток се регистрирани 137 новозаразени, што е и рекорд од почетокот на пандемијата.

„Во последните 24 часа забележани се само 39 нови заразени, помалку од претходните денови, но со помалку тестирања, но тоа се уште се смета за драматичен тренд затоа што процентот на новозаболени меѓу тестираните е дури поголем од претходните денови“, предупреди Хојс.

Според податоците на Министерството за здравство, минатата недела, во Словенија, која има два милиони жители, заразата со коронавирус е потврдена кај 920 луѓе, што е 199 повеќе заболени отколку една недела пред тоа.

Заразата најмногу се шири во старските домови, во болниците, училиштата и во работните средини“, а новозаразени повторно се потврдени во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и Општата болница во Словењ Градец, рече во понеделник портпаролот на на владата за Ковид-19, Јелко Кацин.