Во Бигорскиот манастир викендов во чест на 1000-годишнината беа промовирани три збирки на поезија: „Свештена Бигорска Обител“ и „Нашите празници“ од група автори, а уредени од Вера Благојевиќ – Самарјанин и „Муабетење со умот“ од Нада Алексоска.

Свеченоста ја отвори доајенот на македонската забавна музика, кантавторот Драган Мијалковски, со изведба на Песната за Патрикот: „1762 лето“. Веднаш потоа присутните ги поздрави и благослови игуменот на манастирот, Епископ г. Партениј.

“Јас честопати го нарекувам Бигорски срце кое биело и бие за нашиот народ. Еве сега ја чувме песната од нашиот познат великан на Преродбата од 19 век, Глигор Прличев, кој во својата „Автобиографија“ пишува со восхит за Бигорски, како за манастир кој единствен, заедно со Манастирот Пречиста Кичевска, го сочувал народниот словенски јазик,рече владиката Партениј. Додаде дека само овие два манастира, во времето на Отоманската Империја, пожртвувано се бореле за запазување на словенската јазична
традиција во богослужбите и во писменоста.

“Овде е отворено и првото ќелијно училиште на народен говорен јазик, од познатиот игумен Архимандрит Арсениј од Галичник. Тоа,несомнено е големото дело што овој манастир го направил во однос на будењето на народниот дух, во време кога народот што живееле на овие простори се наоѓал во двојно ропство: и политичко и духовно-просветно. Затоа денес слободно можеме да кажеме дека токму заради тоа тогашно втемелување на народниот јазик во писменоста и учебното дело што започнало од
Бигорски, вие сега воспевате и пишувате песни на нашиот современ македонски јазик, посочи тој меѓудругото.

Повеќе поети и поетеси, учесници со свои дела во збирките, читаа дел од своето поетско творештво.

Накрај, следуваше културно-уметничка програма, во која настапи оперската дива Серафина Фантаузо, којашто ја отпеа песната „На многаја лета“.