НБ: Поумерени негативни ефекти од кризата врз економијата во третиот квартал

По минималниот раст на економијата во првиот квартал од само 0,2 проценти во вториот квартал економијата очекувано забележа досега најдлабок годишен пад, а податоци за третиот квартал од годинава, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност

30

Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од годинава, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата во јули, додека на месечна основа се забележува раст и во двата сектора, соопшти Народната банка по редовната седница на Комитетот за оперативна и монетарна политика.
На седницата е заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата на Народната банка, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија.
Одлучено е каматната стапка на благајничките записи да остане непроменета на ниво од 1,5 проценти, а на денешната аукција да се понудат вакви записи во вкупен износ од 10 милијарди денари.
Најновите макроекономски показатели покажуваат пад на бруто домашниот производ во вториот квартал од 12,7 проценти, што во целост е во согласност со проекцијата на Народната банка според која очекуваното намалување изнесуваше 12 проценти. По минималниот раст на економијата во првиот квартал од само 0,2 проценти, потсетува централната банка, во вториот квартал, економијата очекувано забележа досега најдлабок годишен пад, одразувајќи ги ефектите предизвикани од пандемијата на ковид-19.
Просечната годишна стапка на инфлација и натаму се одржува на релативно ниско и стабилно ниво, и за првите осум месеци од годината изнесува 0,8 проценти, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната. Во однос на проекцијата, според Народната банка, ваквите остварувања се над очекувањата за 0 проценти стапка на инфлација во годинава. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за годинава е зголемена.
Како што оценува централната банка, девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурна зона.
Податоците од надворешнотрговската статистика со јули упатуваат на можност за остварување повисок трговски дефицит од очекуваниот за овој период, но периодот на оцена е многу кус за донесување поконкретни заклучоци. Податоците за билансот на плаќања за второто тримесечје посочуваат на помал дефицит во тековната сметка, како и повисоки нето-приливи во финансиската сметка, во однос на проектираните за вториот квартал.