Верувањето дека ќе биде добро е основно за и навистина да ни биде добро. Потенцијалите за доживување на среќата зависат од стремежот да ги бараме, препознаеме и оствариме позитивните можности на животот. Кога веруваме дека ќе успееме, тогаш шансите за напредување максимално се зголемуваат.
Фокусот кон сопствените вредности и самопочитувањето се основни предуслови за напредување. Позитивните мисли и афирмативниот пристап будат сила, верба и акција за остварување на целите. Кога сме преокупирани со неубавото и константно размислуваме за емоционалните болки и страдања, многу тешко ќе успееме да се извлечеме од кризата. Очекувањето на најлошото нужно ќе нè соочи со најлошото, како што работењето на позитивното неминовно ќе ни го отвори патот кон позитивното.
Најбитно е да ги контролираме своите стравови и да не дозволиме песимизмот да ја завладее нашата личност. Кога на негативните мисли им придаваме голема важност, тие се множат и ги оптоваруваат нашите чувства.
Кога го очекуваме позитивното и напорно работиме за да ги реализираме целите, во тој случај и космосот работи на остварување на нашите потенцијали. Секој го добива заслуженото и се соочува со последиците од своите активности. Кармата никогаш не доцни, ниту заборава да дојде по своето. |
Мислите се одговорни за состојбата на нашите емоции. Мораме да преземеме мерки за да го намалиме обемот и интензитетот на секоја мисла која има намера да нè измести на психофизички план. Ние самите одлучуваме кон што ќе се насочиме. Определбата за позитивното и вербата дека ќе биде добро се клучот за излез од кризата.
Квалитетот на нашите мисли го определува квалитетот на нашиот живот. Мудро ќе постапиме ако сме трпеливи и живееме со убедување дека тоа што е наше ќе си дојде. Кога го очекуваме позитивното и напорно работиме за да ги реализираме целите, во тој случај и космосот работи на остварување на нашите потенцијали. Секој го добива заслуженото и се соочува со последиците од своите активности. Кармата никогаш не доцни, ниту заборава да дојде по своето.
Афирмативниот однос кон самите себеси е основен за стекнување самопочит, за јакнење на духот и за креирање позитивна перцепција. Најголемите грешки произлегуваат од подлегнувањето на туѓите недобронамерни влијанија, зависноста од другите и од несигурноста во сопствените вредности.
Никој не може да не повреди толку многу, колку што можеме ние самите себеси да се повредиме манифестирајќи навредливост, ранливост, песимизам и несигурност. Од друга страна, ништо надворешно не може толку многу да нè направи среќни, колку што можеме ние самите да си се направиме среќни, радосни и опуштени. Значи, клучот на успехот и неуспехот се наоѓа во нашите раце. |
Никогаш не треба да стекнуваме навика да се вреднуваме себеси според критериумите на надворешните фактори. Воопшто „не е важно што велат другите за мене. Важно е што Јас си кажувам на самиот себе“. Колку и да е важно она што им го кажуваме на другите, уште поважно е она што си го кажуваме самите на себе. Кога со љубов и внимание се однесуваме кон сопствената душа, тогаш нема да манифестираме потсвесна агресивност, ниско ниво на самопочитување и малодушност туку самодоверба и чувство на самовредност. Впрочем ништо не е поважно од психофизичката хармонија и од душевниот мир. Никој не може да не повреди толку многу, колку што можеме ние самите себеси да се повредиме манифестирајќи навредливост, ранливост, песимизам и несигурност. Од друга страна, ништо надворешно не може толку многу да нè направи среќни, колку што можеме ние самите да си се направиме среќни, радосни и опуштени. Значи, клучот на успехот и неуспехот се наоѓа во нашите раце.
Ние одлучуваме дали афирмативно ќе размислуваме и позитивно ќе дејствуваме или зафатени од стравот, стресот и несигурноста ќе шириме негативни вибрации и ќе се блокираме и пасивизираме на психофизички план.
Навиките го градат карактерот, а карактерот ја создава судбината. Затоа време е да стекнеме навики на позитивно размислување, на вложување во личниот развој и на ориентирање кон афирмативната патека на животот. Сè може да се промени и подобри само треба да се има волја, надеж и верба во потенцијалите на личноста.
Кога ќе се разбудиме треба да искажеме радост и благодарност што пред нас е уште еден ден кој може да го направиме подобар и посреќен. Многумина немаат шанса за иницирање позитивни промени и за подобрување на состојбата. Тие повеќе не му припаѓаат на овој свет, бидејќи своето животно патешествие го завршиле остварувајќи или не остварувајќи ја својата мисија. Ние сме живи, самосвесни и способни да го подобриме тоа што можеме да го подобриме или да го прифатиме тоа што не можеме да го промениме.
Минатото не можеме да го подобриме, иднината е блиску, но и далеку од нас. Единственото нешто кое го носиме со себеси и за кое лично одлучуваме е мигот на сегашноста и опцијата да уживаме или страдаме поради сè што имаме или немаме во животот.
Колку повеќе даваме и шириме позитивна енергија, толку повеќе и ќе добиваме позитивна енергија. Негативниот пристап, себеразјадувањето и отпорот за иницирање промени создава страв, пасивност и неуспех. Кога сме негативно расположени и исплашени, несигурни или загрижени, во тој случај привлекуваме поединци и ситуации кои ќе ни ги зголемат стравовите и актуализираат немирите.
Фокусот кон мигот на сегашноста и создавањето ментална слика на успех, љубов, здравје, хармонија ги активира внатрешните механизми на нашето битие и ги буди импулсите за постигнување успех и благосостојба. Секогаш треба да избираме афирмации за кои сметаме дека се реално остварливи. Колку афирмациите се поедноставни и пократки, толку се и поефикасни. |
Фокусот кон позитивното и искажувањето афирмации ќе ни овозможи да замениме некои од нашите застарени, истрошени или негативни согледби со позитивни идеи и концепти.
Афирмациите бараат да се фокусираме на позитивните можности и да ги искажуваме во сегашно време, а не во идно време. Повторувањето на зборовите можам, постигнувам, успевам, доживувам се подобра опција отколку да употребуваме префикс „ќе“ успеам, ќе доживеам, ќе стигнам. Фокусот кон мигот на сегашноста и создавањето ментална слика на успех, љубов, здравје, хармонија ги активира внатрешните механизми на нашето битие и ги буди импулсите за постигнување успех и благосостојба. Секогаш треба да избираме афирмации за кои сметаме дека се реално остварливи. Колку афирмациите се поедноставни и пократки, толку се и поефикасни.
Доколку научиме да се поврземе со внатрешното битие, да се опуштаме и да применуваме креативна визуализација ќе оствариме ефективни промени во својот живот.
Во процесот на креативната визуализација неопходно е имагинацијата да ја користиме за создавање јасна слика на очекувања што сакаме да ги оствариме.
Секој индивидуално одлучува за што ќе размислува и какви афирмации ќе искажува. Битно е пристапот да биде позитивен, полн со самодоверба, настојчивост и борбеност. Највисоки резултати се постигнуваат кога длабоко во себеси веруваме во тоа што го искажуваме и кога умот и емоциите се во хармонична корелација. Многумина не успеваат да го реализираат тоа што го замислуваат. Тие иако зборуваат и размислуваат за позитивното, сепак потсвесно не веруваат дека можат да се извлечат од кризата. Причината е во неразрешените емоционални болки и страдања произлезени од минатото.
Искажувањето на следната афирмација отвора можност за промена на потсвесната програма исполнета со страв и несигурност, извлекување од матрицата на тело на болка и креирање позитивна промена во животот:
Колку и да е тешко продолжувам да се борам и да зрачам со благородност и ведрина, бидејќи низ моите вени струи енергијата на победникот и волјата на духовно пробудениот. Ништо не може да ме спречи да се искачувам кон височините на мирот и хармонијата и да го чувствувам импулсот на убавината. Го следам својот пат и не стравувам од ударите на темнината, зашто во себеси и во промислата ја пронајдов смислата. Во моето срце е вгнездена мисијата на праведникот, а низ душата провејува вибрацијата на просветлениот. Со благородноста на духот ги одбивам ударите на нечестивиот и продолжувам да се движам кон вредноста и позитивноста. Мислата ми е полна со ведрина, зборот со убавина, делата со добрина, постоењето со благосостојба – тоа се патоказите кои водат кон спасението и мирот во душата. Вложувам во афирмативното, се надградувам, воздигнувам и учам колку е прекрасно што сум далеку од негативниот, а сроден со позитивниот. Продолжувам да се борам за вистината и да го осветлувам патот на правдината и добрината, зашто тоа е насоката што води кон среќата и светлината. Колку повеќе осознавам, толку помалку грешам. Повеќе не сум во илузијата, туку опфатен од визијата ја пронајдов целта и смислата. Искажувам благодарност за позитивната промена и се радувам за среќата, хармонијата и убавината.
(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)