Опасната цистерна во ОХИС е под високи безбедносни мерки

387

Јавноста пред 10 месеци за прв пат слушна за опасната хемикалија винил хлорид „заробена“ во 14-тонска цистерна во кругот на ОХИС. Оваа темпирана бомба ни ја покажа Владимир Момировски, управителот на фирмата „Еко Центар 97“ која е надлежна за остранување на опасниот отпад од поранешниот хемиски гигант, кој рече дека во случај на хаварија на цистерната, последиците ќе бидат несогледливи. Дека станува збор за крајно токсична содржина, која може да го покоси пола град предупредуваат и докторите Ненад Лазаров и Андон Чибишев. Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, смируваат и велат дека обезбеден е висок степен на безбедност на цистерната од страна на „Еко центар 97“, со 24-часовно обезбедување и со инсталирање на систем за ладење кој е поставен за да се одржува температурата согласно правилниците за чување на ваквиот вид на хемикалија во сад под притисок

Триесет години од независноста на Македонија не беше најдено чаре за поранешниот хемиски гигант ОХИС, во стечај кој е темпирана бомба во градот. Заградено со висока ограда, јавноста до пред 10 месеци многу малку знаеше во каква состојба се наоѓаат објектите и погоните во кои порано се произведувало.

Тогаш јавноста за прв пат слушна дека во дворот на ОХИС се крие опасна хемикалија, лесно запалива и складирана во 14-тонска цистерна, која е 24 часа физички обезбедувана. Цистерната е поставена на шини кои не водат никаде, бидејќи дрвените прагови одамна се извадени, а железните шини откорнати и продадени како старо железо.

Станува збор за високотоксичниот винил хлорид со чие вдишување на лице место ги усмртува сите живи суштества. Оваа темпирана бомба ни ја покажа Владимир Момировски, управителот на фирмата „Еко Центар 97“, на која доверителите на АД ОХИС во стечај и ја довериле задачата да ги исчисти сите опасни хемикалии складирани во дворот на фабриката.

– Сите зборат за канцерогениот линдан што е складиран на две депонии во дворот на ОХИС. Но, линданот е мачкина кашлица во споредба со цистерната со винил хлоридот според токсичноста. Во случај, не дај Боже на хаварија на цистерната, последиците се несогледливи. Никој не знае колкава количина од оваа хемикалија и во каква состојба е (гасна, течна или во вид на паста). Кога ќе се изврши преточување во друг сад, тогаш ќе дознаеме, по што ќе следи негово складирање и извоз – истакна Момировски.

За тоа колку е опасна оваа хемикалија деновиве на фејсбук напиша докторот Ненад Лазаров.

– Додека сте насекирани за Бејрут. Во ОХИС има 14-тонска цистерна со винил хлорид која стои така непроверена и оставена со години, а може да му направи на Скопје масакр со многу повеќе жртви од Бејрут. Германци не сакаат да дојдат ниту увид да извршат од што е лудо опасно и несоодветно оставена крајно токсична содржина, која може да го покоси пола град – напиша докторот Лазаров на својот фејсбук профил.

Винил хлоридот мора да се држи на температура под 20 степени Целзиусови бидејќи е високо запалив. Во Европа е исчистен веќе 30 години, а за негово согорување постојат само две печки на стариот континент.

– Винил хлоридот е лесно запалив и затоа мора постојано да се лади. Од вас медиумите се информирав дека цистерната ја чуваат 24 часа, но однадвор е во многу лоша состојба. Забот на времето си го прави своето. Замислете да попушти некој вентил, тогаш би имало тешки последици врз луѓето и другите живи суштества – вели токсикологот Андон Чибишев. 

Според него, винил хлоридот има мутагено дејство. Неговото вдишување предизвикува мутации на гените кои кога ќе се развијат во организмот даваат клиничка слика со тешки нарушувања на белите дробови и на срцето.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање смируваат и најавуваат дека опасната хемикалија „заробена“ во цистерната ќе се преточи и ќе се транспортира од државата веднаш штом ќе дозволат временските услови потребни за безбедна работа со оваа материја.

– Обезбеден е висок степен на безбедност на цистерната од страна на „Еко центар 97“, со инсталирање на систем за ладење кој е поставен за да се одржува температурата на цистерната согласно правилниците за чување на ваквиот вид на хемикалија во сад под притисок – уверуваат од МЖСПП.

Оттаму истакнаа дека потпишан е договор со фирма од Франција која ќе го направи преточувањето на винил хлоридот, како и со фирма од Бугарија која ќе го транспортира до Германија и каде ќе се уништи во печка за палење отпад. За таа цел, веќе се набавени две цистерни со специјализирана намена за складирање и транспорт на винил хлорид до крајната дестинација. Од МЖСПП истакнуваат дека поради високите температури кои се актуелни во летниот период, овој процес нема да започне во наредните два до три месеци.

(С.Бл.)