Канализацискиот систем не е депонија, па кога се поплавуваат улиците Цацко ни е крив

63

Граѓаните да се однесуваат одговорно и да не фрлаат отпад или градежен шут во канализацискиот систем зашто така го затнуваат и ја нарушуваат неговата функционалност, па наместо да се одведуваат, урбаните отпадни води се слеваат по улиците, апелира јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ – Скопје.

Од претпријатието нагласуваат дека канализацискиот систем не е депонија.

– Нашите екипи често се сведоци на затната канализациска мрежа, а причина за тоа е неправилно одложен отпад од домаќинствата, градежен шут, кабаст отпад и други предмети. Канализацискиот систем не е депонија. При неодговорно и несовесно одлагање отпад во системот за одведување урбани отпадни води, се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Затоа „Биди одговорен, однесувај се совесно“, заштити го канализацискиот систем, здравјето и животната средина. Правилно одложувај го отпадот – селектирај го за да се рециклира и реупотреби – истакнуваат од „Водовод и Канализација“.

Одржувањето на системот за одведување урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување.

Според претпријатието, ако на некој му се далеку контејнерите за селектиран стаклен отпад, може да го повика тимот на „Пакомак“ на телефонскиот број 072-266-626. Кабастиот отпад, пак, треба да се селектира и за негово отстранување да се повикаат општинските служби или екипите на ЈП „Комунална хигиена“ на бројот 0800-222-33.

Див водоводен приклучок и злоупотреба на канализацискиот систем може да се пријави во Дежурно-информативниот центар на 02/3073-010 или во Дирекцијата на 02/3240-300. Достапни се и меил адресите: kontakt@vodovod-skopje.com.mk, www.vodovod-skopje.com.mk и www.facebook.com/jpvodovod.skopje