Викендов „Охридско лето“ со „Чудесна терапија“ и два концерта  

81

Викендов на „Охридско лето“ љубителите на тетарската уметност во предворјето на црквата „Св.Софија“ ќе имаат можност да ја проследат претставата „Чудесна терапија“ од Даниел Глатауер, во режија на Димче Николовски, а која е во продукција на Драмскиот театар од Скопје. Улогите во претставата ги толкуваат Соња Стамболџиоска како терапевтот, Маја Вељковиќ Пановска како Јоана и Предраг Павловски како Валентин.

Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. Меѓутоа во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада. Прашањата која таа ги поставува е зошто е важно да разговараме и како да разговараме за вистински истото да ни помогне. „Големината на една интимна врска меѓу двајца се мери преку одговорот на прашањето: Дали успева да постои и надвор од љубовта? Животот е генератор на пречки кои ја носат врската во неочекувани насоки и проблеми. Начинот на кој се справуваме со нив, може да ја зацврсне, а може и потполно да ја уништи. Во ваквите моменти, комуникацијата е единственото ненасилно и ефикасно оружје што го поседуваме. Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, сè станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем“, се посочува кон претставата чиј драматург е Александра Бошковска, а костимограф Раде Василев. Претставата ќе се одигра на 9 август, со почеток од 22:00 часот.

Љубителите, пак, на музиката ќе можат да проследат два концерта, првиот на 8 август (во 21 часот) во Црквата „Св. Софија“, а вториот наредниот ден, во предворјето на црквата „Св.Софија“ (во 20 часот).

На првиот концерт (8 август) ќе настапи пијанистката од Русија Наталија Трул. На програмата ќе бидат изведени дела од Л. В. Бетовен, Ф. Шопен и К. Дебиси. „Наталија Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет, како и со сите големи руски оркестри под диригентските палки на светски познати и реномирани диригенти. Нејзиниот репертоар вклучува повеќе од 50 концерти за пијано и оркестар, но секако приматот го има Концертот број 1 од Чајковски кој го има изведено повеќе од 100 пати во престижни концертни сали низ светот. Редовен професор е на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е член на жири на меѓународни натпревари за пијано“, посочуваат од „Охридско лето“.

На 9 август, пак, концерт ќе одржат Христос Гримпас, на виолончело и Џорџ Емануел Лазаридис, на пијано од Грција, а на програмата се С. Рахмањинов и М. Мусоргски. „Гримпас е редовен член на Симфонискиот оркестар на Солун, а Џ. Е. Лазаридис е сестран музичар со повеќе од 30 годишно присуство на интернационалната музичка сцена како солист, композитор, едукатор и основач на повеќе нови културни институции“, додаваат од „Охридско лето“.