Едно предание кое го пренесува Марко Цепенков говори за бескрајот на ходниците на пештерите под земјата во Прилепско, кои водат дури до Солун. Според преданието до ваква констатација дошол некој ловец во старо време кој со својот загар ловел во близина на пештерите. Гонејќи некој зајак загарот влегол во една од пештерите и се загубил. Ловџијата по околу една недела се нашол по некоја потреба во Солун. Шетајќи по брегот на морето, тој наеднаш видел како од самиот брег излегува некој загар и зачуден го препознал оној што го загубил…
Една од најпосетуваните, но и најтаинствените пештери во Македонија, е секако Рамниште, ремек-дело на природата, лоцирано во близина на селата Оревоец и Крстец, кај Прилеп. Иако во прилепско има голем број пештери, сепак најголем дел од нив, како впрочем и оваа, не се истражени доволно од страна на археолозите, што пак би придонело за нивната поголема туристичка афирмација. Деновиве Тренчо Димитриески, истражувачот и писател, кој долги години ја истражува материјалната култура во Пелагонија и Мариовско, повторно го актуализира значењето на пештерата Рамниште, за која вели дека содржи остатоци од култура и присуство на човекот низ различни историски периоди, па можеби дури и од палеолитот?!
„Во недостиг на соодветни археолошки истражувања, до денес не се среќава, речиси, ниту една информација за нејзините културни аспекти, односно, нејзината врска со човекот кој го населувал овој простор во минатото. Затоа, сметаме дека е особено корисно да се наведе дека во оваа пештера, всушност, се кријат голем број културни траги од повеќе периоди, односно дека таа, во различни периоди, била експлоатирана од жителите на овој простор за определена намена. Тоа го покажуваат изобилството од фрагменти од керамички садови со различна големина и форма, па и фрагменти од стаклени садови. Некои од фрагментите се со нагласена дебелина и упатуваат на тоа дека потекнуваат од поголеми садови – питоси, а голем број од нив се делови од садови со помала форма, за кои е тешко да се каже како и зошто се нашле во просториите на пештерата, односно, каква конкретна намена имале“, смета Димитриески. Тој додава дека, за жал, во Македонија има малку палеонтолози, стручњаци за тој праисториски период. Предметите од тие периоди имаат специфични облици кои стручњаците за тој период може да ги препознаат. Затоа според него се потребни сериозни истражувања, со сонди.
Исто така додава дека со оглед на фактот што оваа пештера е со релативно ниска температура во својата внатрешност, и со голема влажност, тешко е да се претпостави дека во неа имало постојано живеење, но може да се претпостави дека во неа се криеле лица, кои имале потреба од тоа поради различни опасности.
„Формите, обележјата, како и состојбата во која се наоѓаат денес споменатите културни остатоци упатуваат на нивната старост. Некои од нив се сè уште во својата природна форма и изглед, а други добиле своевидна форма и боја од наслагите добиени од влагата во пештерата. Има и такви фрагменти кои добиле природна површина од влагата и, речиси, се скамениле, што не упатува на нивната подлабока старост. Некои од нив, според формата, упатуваат и на праисториските периоди, а сигурно е дека има фрагменти од античкиот и средновековниот период, што значи дека пештерата била искористувана и во тој период“, посочува Димитриески.
Пештерата се наоѓа на западните падини на планината Козјак и е на 12 километри од Прилеп. Првите истражувања се во 60-тите години на минатиот век, од друштвото „Златоврв“. Вкупната должина на Рамниште е 110 метри, а длабока е 25 метри. Богата е со пештерски украси во бела, црна, црвеникава и жолтеникава боја…
На територијата на општина Прилеп се откриени и други пештери, од кои како позначајни се издвојуваат Мелничка Пештера, Провалата, Карши Подот, Голем Козјак, Живовска Пропаст и Дуова Пештера. Мелничка Пештера 1 е најдолгата, со лавиринтски пештерски канали во должина од 700 м. Во нејзина близина се наоѓа, пештерата Провалата. Иако релативно мала по димензии, таа е единствената во Македонија чии канали делумно се формирани од сулфурна киселина, при што како последица во пештерата се формирани гипсени украси. Мелничка Пештера и Провалата се фосилни, а пештерата Карши Подот е активна термална пештера, единствена од овој тип во Македонија. Дуова Пештера, пак, е интересна хоризонтална пештера непосредно под врвот Козјак (1745 метри)…