Семејното насилство во земјава во периодот од 12 април до 12 мај годинава бележи пораст од 44,6 отсто во споредба со истиот период лани, соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали има зголемување на семејното насилство за време на изолацијата поради корона-кризата.

За овој еден месец МВР регистрирало 85 кривични дела семејно насилство, најмногу во Скопје, Охрид и Струмица.

Исто така, поднесени се 49 прекршоци против 56 сторители, како и 373 поплаки за семејно насилство.

Со воведувањето на вонредната состојба за справување со пандемијата со ковид-19 сите граѓани се затворени во своите домови, што ја отежнува состојбата на жртвите на семејно насилство, кои заедно со насилниците ги поминуваат овие денови. Можноста за пријавување на насилство е драстично намалена, а зголемен е ризикот од психичко и физичко малтретирање, предупредија од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство поради што побараа од МВР за жртвите да не важи забраната за движење за да можат да го пријават насилството.