Во километарска колона низ центарот на Скопје камионџиите со вклучени сирени проестираа против зголемената акциза на горивата

406

Со километарска колона камиони, пикапи, автомобили… кои со вклучени сирени бавно се движеа по центарот на Скопје, транспортерите организирани во асоцијацијата  „Макамтранс“ попладнево го искажаа своето незадоволство од зголемувањето на акцизата на горивата.

Ова е прв протест по улиците на еден град во државата откога трае вонредната состојба поради коронавирусот, а според генералниот секретар на „Макамтранс“, Билјана Муратовска, одобрен е од МВР. Таа вели дека се работи за предупредувачки протест на транспортерите кои напладне со своите камиони во конвој тргнаа од хотелот „Континентал“, поминаа покрај Владата, па пред Собранието и завршија пред судовите.

Превозниците кои се приклучија на протестот бараат да се укине Уредбата за зголемување на акцизата на горивата за три денари и да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности.

МАКАМТРАНС предлага 0,5 проценти данок на доход за сите правни субјекти кои лани имале добивка од 100.000 до 10.000.000 денари, еден процент данок на доход за тие со добивка од 10.000.001 до 200.000.000 денари и два процента данок на доход за сите кои оствариле добивка за 2019 година над 200.000.001 денари.

– Со оваа мерка ќе се опфатат подеднакво сите правни субјекти во државата, а особено и големите стопански субјекти, банките, осигурителните компании, телекомуникациите и сите мали, средни и микро фирми како и невладиниот сектор каде се вбројуваат и сите асоцијации, СИЗ, Стопански комори и други здруженија на граѓани, со што навистина ќе имаме солидарност и секој ќе го даде својот придонес според големината и постигнатите финансиски резултати во претходната година. За разлика од оваа мерка, со зголемената акциза товарот во првите 2-3 месеци ќе биде само на превозниците, дистрибутери во внатрешниот превоз, граѓани и мал број други правни субјекти кои работат, а до крајот на годината сите, велат од „Макамтранс“.

Пред почетокот на протестот од асоцијацијата најавија дека камионите ќе возат низ улиците на градот по една лента и нема да го попречуваат сообраќајот, а тоа и се случи. Исто така, посочија дека ќе ги почитуваат сите мерки за безбедност кои се во сила со оглед на состојбата со коронавирусот, па секој од учесниците ќе биде изолиран во возилото, односно влекачот, пикапот, автобусот, патничкото возило и слично.

(С.В.)

Фото: Ѕ.Плавевски