Наградата „Вавилон“ прв пат е доделена на 26 септември, европскиот ден на јазиците, во 2014 година. Проектот заеднички го спроведуваат Здружението на преведувачи и толкувачи и Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија. Во оваа пригода разговаравме со добитниците на првата награда минатата година, Ардита Зулфиу и Никола Спасовски. Тие наградата ја добија за превод од шпански на албански односно од шпански на македонски јазик.
Ардита е дипломирана професорка по англиски јазик, и веќе една година се занимава со превод од англиски на албански и од македонски на албански. Никола работи како дописник и преведувач од шпански и македонски за една британска новинска агенција и разгледува можности за продолжување на студиите надвор од Македонија.
Тие зборуваат за нивното искуство со конкурсот, од каде мотивацијата да се пријават и како поминаа при престојот на Саемот на книга во Мадрид кој го овозможија ЗПРМ И ЕУД за добитниците на наградата.
Како дознавте за конкурсот Вавилон?
Ардита: Прво го видов повикот на фејсбук, потоа сите потребни информации ги дознав на веб страницата на Здружение на Преведувачи и толкувачи на Република Македонија.
Никола: Како студент на Филолошкиот факултет, постојано се информирав за можностите што се нудат за надградба на мојата професионална биографија. Исто така ги следев фејсбук страните на Здружението на преведувачи и ЕУ инфо-центарот во Скопје, кои како организатори постојано го промовираат конкурсот.
Што ве привлече да се пријавите?
Ардита: Уште како дете бев изложена на различни странски јазици, а згора на тоа, студирав англиски јазик и книжевност. Преводот е област што секогаш ме предизвикуваше и исполнуваше, па затоа кога дознав дека во Македонија има ваков конкурс, и тоа за сите јазици што се зборуваат во Македонија, одлучив да се пријавам.
Никола: Во првите три години како студент не сметав дека сум доволно подготвен за да се пријавам на конкурсот. Но, на крајот од студиите, одлучив да се пријавам бидејќи бев цврсто решен да се занимавам со превод. Вавилон за мене претставуваше можност да добијам оценка од најискусните преведувачи и на некој начин да се издвојам од останатите студенти и да станам дел од професионалниот преведувачки свет.
Од што се раководевте при изборот на книга за превод?
Ардита: Првиот пат кога се пријавив бев малку изгубена со изборот на книга. Освен што требаше да ги почитувам правилата на конкурсот, мораше да најдам книга што би сакала и самата да ја прочитам. По неколкудневно пребарување, наидов на книга што ми го привлече вниманието. Темата на книгата ме интригираше, но пред сѐ изгледаше како вистински предизвик за преведување. Станува збор за El laberinto de los espíritus од Карлос Руиз Зафон (која не е преведена на македонски јазик, н.з.). Затоа воопшто не се двоумев и ми беше задоволство да преведам на албански дел токму од таа книга.
Никола: Ја преведов „Мојата вистинска приказна“ од Хуан Хосе Миљас, се работи за мојот омилен автор. За жал, на македонски, преведен е само еден од неговите романи, па сакав да го доближам чудесниот свет на Миљас до моите пријатели, а и до сите читатели, кои не знаат шпански.
Со какви предизвици се соочивте додека преведувавте?
Ардита: Како проблем, на прво место беше преводот на идиоми и фразеолошки изрази. Тие го изразуваат ставот на еден народ кон животот и светот, затоа треба добро да се познава културата на народот што го зборува изворниот јазик за да се пронајде еквивалент во јазикот на кој се преведува. Од друга страна, требаше многу да се потрудам преводот да ја рефлектира и културата на говорниците на албански јазик, со цел да им звучи што е можно поприродно, а со тоа се подразбира дека идиомите и изразите употребени во преводот требаше да бидат идентични со оние кои читателите и самите би ги користиле на албански јазик во слични околности. Предизвик за мене беше и дистанцирањето од преводот што ми овозможи да го судам текстот на пообјективен начин и да ги пронајдам грешките кои инаку би ги пропуштила поради приврзаноста со текстот.
Никола: Конкретно за преводот од шпански на македонски и обратно најголем проблем претставува немањето на комплетен речник, па многу често морав да користам и речници од други јазици, а во книгата има многу игри на зборови кои требаше добро да се доловат на македонски.
Дали очекувавте да бидете наградени? Што мислите за наградата?
Ардита: Да, но дури кога го испратив преводот. Во почетокот ми недосасуваше самодоверба, но со тек на време, колку повеќе се ближеше рокот толку повеќе бев сигурна дека ќе победам. Наградата за мене претставува врата кон преведувачката професија за сите ние младите кои не знаеме од каде да почнеме. Исто така, како единствен конкурс во Македонија што ги опфаќа сите јазици кои се зборуваат во нашата земја, сметам дека е најголем промотор на книжевниот превод на други јазици (покрај македонскиот) во земјата.
Никола: Со оглед на тоа што рокот за пријавување беше април а доделувањето на наградата беше во септември моите очекувања често се менуваа затоа што бев свесен дека ќе има доста добри преводи и од други јазици на македонски.
Како поминавте на саемот на книга во Мадрид?
Ардита: Патувањето во Мадрид беше посебно. Бев пријатно изненадена од организацијата, а за целосното искуството би ми требале неколку страници да го опишам. Но штом прашањето е за саемот, ќе кажам неколку зборови за тоа. Беше интересно искуство. Го посетив заедно со колегата со кого ја освоивме наградата, и заедно имавме можност да се запознаеме со голем број нови наслови на книги. Единствениот проблем беше што изложените книги не се продаваа, па затоа книгите што ни се допаднаа ги купивме во книжарница. Но сепак не се вративме во Македонија со празни раце, а книгите ми се најубав сувенир од Мадрид.
Никола: Вавилон ни овозможи да присуствуваме на најголемиот саем на книга на шпански јазик во светот. Освен што имавме можност да видиме еден куп книги, можевме и да дознаеме како работат издавачките куќи од Шпанија и Латинска Америка, кои се нивните цели, каква е соработката помеѓу двете подрачја на кои се говори шпанскиот јазик, а за да биде и саемот подинамичен и поинтересен во една од халите имаше и книжевни работилници и филмски проекции.
Што за вас значи оваа награда?Ардита: Преводот е уметност сам по себе, но како професија првите чекори се најтешките. За мене наградата беше прв чекор кон преведувачката професија. Иако сѐ уште не може да се каже дека сум професионална преведувачка, сметам дека си имам поставено добра основа за да можам да се нарекувам така во многу блиска иднина. А да не беше наградата, јас сѐ уште не би знаела од каде да почнам. |
Што би им препорачале на помладите колеги?
Ардита: За сите тие што слушнале за конкурсот, но сметаат дека не се доволно добри, ако имате желба и страст, само почнете. Не можете да знаете какви способности имате ако никогаш не пробате.
Никола: Пред сè да читаат многу на македонски и на јазикот што го изучуваат, да одберат книга што им се допаѓа бидејќи навистина ќе уживаат додека ја преведуваат и да не се плашат да се пријават на конкурсот.
(А.П.П.)