Запален летниковец во парк шумата „Гази Баба“

33

За време на полицискиот час запален е летниковец во парк шумата „Гази Баба“. Како што информираат од Градот, пожарот го забележале градски инспектори кои правеле рутинска контрола со помош на дрон.

-Со брзата реакција на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје не се дозволи пожарот да се прошири и направи поголема штета, имајќи ја предвид околината-соопштија градските власти.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на својата фејсбук страница апелираше дека ваквиот вандализам мора да престане!

– Летниковецот во парк шумата Гази Баба беше поставен за луѓето да можат да се одморат, релаксираат и поминат време со своите најмили. Кому му пречело сето тоа? Овој чин не само што направил материјална штета, туку можел многу сериозно да предизвика голема опасност и да ја загрози безбедноста во околината-потенцира Шилегов.

Тој упати голема благодарност за брзата реакција на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје што не се дозволи пожарот да се прошири и направи поголема штета, имајќи ја предвид шумата и дрвјата во непосредна близина на летниковецот.