Агенцијата за заштита на личните податоци поднесе кривична пријава до државното обвинителство заради неовластено објавување на списоците на кои наводно се наоѓале имиња, датуми на раѓање и адреса на живеење на лица кои најверојатно се од подрачјето на Куманово.
Од Агенцијата велат дека обработката на лични податоци кои се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета освен во законски утврдени ситуации.
-Исклучоците за обработка на овие податоци утврдени со закон, НЕ се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација, па оттука секое објавување и споделување на лични податоци од страна на неовластени лица, за лица заболени од корона вирус или лица кои се во домашна изолација или во државен карантин, претставува повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци и подлежи на санкции согласно закон.
Со свој став излезе и Мрежата за заштита од дискриминација по како што велат објавените написи во минатиот период на слики, имиња и листи на граѓани кај кои дури и само постоело сомневање дека се позитивни на Ковид 19.
-Самите пациенти се изложуваат на јавен линч, се прогласуваат за опасни по јавното здравје, вината за инфицирањето се бара во нив, а тие се обележуваат како неодговорни, несовесни и опасни граѓани. Со обвинувањето на пациентите и јавното линчување на поединци се креира стигма околу корона-вирусот, а самите пациенти се изложуваат на вознемирување како форма на дискриминација, токму поради нивниот здравствен статус.
Кривичната пријава на Агенцијата е против непознат сторител за кривично дело злоупотреба на личните податоци. Според Кривичниот законик за ова дело е предвидена парична или затворска казна.