Дали поштарите повторно ќе ѕвонат на вратите на пензионерите? Ова прашање се актуализира откако деновиве при првата исплата на пензиите, социјалната и другата парична помош во услови на вонредна состојба, пред банките се создаваат поголеми турканици од луѓе кои парите сакаат да си ги подигнат на шалтер, како што тоа обично го прават.
Од Пошта на Република Северна Македонија за весникот ВЕЧЕР велат дека имаат доволно пошторазнесувачи за да ја исполнат оваа задача ако им се даде.
-Во оваа ситуација, за да се избегнат турканиците пред банките и да се заштити здравјето на пензионерите сметаме дека најбезбеден начин за достава на пензиите е со пошторазнесувачи. Ние сме подготвени за тоа, имаме доволен број пошторазнесувачи. Истото така, имаме над 700 шалтери и 300 поштенски единици низ земјата, каде што се почитуваат мерките за заштита од вирусот. На нашите шалтери нема турканици, информираат од Пошта.
Активирање на поштарите при следната исплата на пензиите побара градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Во тој град пред банките деновиве имаше невообичаено големи турканици, па реагираше и претседателот на пензионерското здружение Селвер Мемети.
– На републичко ниво е побарано од раководството на Сојузот на пензионери да има носење на пензиите до дома. Јас лично предлагам сега засега полицајци и вработените од обезбедување да одржуваат ред и да нема метеж пред банките и поштата, рече тој.
Додаде дека буквално ги молат пензионерите да се придржуваат до препораките за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот, што ги даваат Министерството за здравство и Светската здравствена организација, бидејќи тие се најизложени на болеста, но се и најопасни за нејзино ширење.
Наспроти препораките за седење дома и користење на други канали за уплата или подигање средства, деновиве пред банките низ целата држава сме сведоци на голем метеж главно од пензионери, но и од други лица кои дошле да подигнат или само да прашаат дали им стигнале парите од социјалната помош и другите исплати од државата. Бројот на граѓани кои чекаат пред банките и метежот што го создаваат деновиве се поголеми од вообичаено поради ограничениот период на движење на пензионерите во текот на денот поради вонредната состојба. Свое влијание има и намалениот број активни банкарски шалтери и вработени.
Иако пред банките има обележано кој каде треба да стои за да се одржува препорачаното растојание, граѓаните се пикаат едни во други, особено пред банките пред кои нема многу место за стоење, а често и се расправаат меѓу себе. Некои од банките изминатите денови ги активираа редарските служби, а во некои ситуации ред воспоставуваше полицијата.
Луѓето кои чекаат пред банките се жалат дека парите им се неопходни, а тие не знаат друг начин за да си ги земат освен на шалтер во банка. Исто така, забележаа и на тоа што во некои населби работи само по една банка, а згора на тоа во неа активни се само дел од шалтерите.
Банкарските службеници за разлика од клиентите се заштитени. На вратите од банките пишува дека истовремено може да влезат две до пет лица, кои потоа мора да ги дезинфицираат рацете, а комуникацијата е со службеници заштитени со маски и ракавици.
Решение за турканиците бараат и банкарите
Решение за проблемот со турканиците пред банките бара и Македонската банкарска асоцијација во која членуваат банките.
-Во моментов се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти кои ги посетуваат банките е поголем. Притоа се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот кој е активен во овој период во банките, бидејќи дел од вработените се отсутни заради мерките за заштита (родители), а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација. Уверени сме дека во натамошниот период, процесот ќе се одвива поефикасно, со заложба и од страна на банките и од страна на клиентите кои ќе ги следат препораките, стои во писменото соопштение на МБА потпишано од извршниот секретар Милена Перчинкова.
На клиентите МБА им препорачува да ги следат комуникациските канали на банките, преку кои се објавуваат и информации за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите во кои во моментов е дозволен влез на две до пет лица, како и за режимот за работа за исплата на пензиите и на социјална помош.
Истовремено се апелира до граѓаните заради заштита на јавното здравје филијалите и експозитурите да ги посетуваат само кога тоа е неопходно и да настојуваат што повеќе да ги користат услугите за електронско и мобилно банкарство, кои се бесплатни, да внимаваат на соодветна раздалеченост и на препораките за самозаштита, а меѓу другото и да избегнуваат користење готовина и при плаќања секаде каде што е можно да ги употребуваат платежните картички.
-Ве уверуваме дека сите банки и штедилници преземаат и ќе преземаат активности во рамки на својот максимум за заштита на здравјето на своите клиенти, велат банкарите преку МБА.
Пред маркетите се чека дисциплинирано, на пазарите врие од народ
Не само во банките, турканици и големи редици има и пред маркетите и другите продавници за прехранбени производи.
Редиците се издолжија откако од вчера мерките со кои се обезбедува заштита на граѓаните од коронавирусот се порестриктивни, односно движењето на граѓаните е поограничено во работните денови и забрането преку целиот викенд.
Поради тоа граѓаните поитаа да се снабдат со потребните намирници за дениовите кога нема да смеат да излезат од дома, па ги наполнија тротоарите особено пред помалите маркети. Бројот на граѓани кои чекаат да влезат сепак е најголем пред продавниците со дисконтни цени.
За да нема турканици како пред банките, поголемиот дел од маркети го активираа своето обезбедување или дел од вработените како редари. Бројот на купувачи што се пуштаат внатре зависи од големината на маркетот и од бројот на касите.
Главно, купувачите ја почитуваат социјалната дистанца и трпеливо го чекаат својот ред да влезат. Внатре исто така се стои на соодветна дистанца, а продавачите се заштитени со маки и ракавици, а во некои маркети дури и со визири.
Оние пазари кои не се затворени се преполни. На Зеленото пазарче во центарот на Скопје практично не може ниту да се забележи дека во сила се вонредни мерки. Најголем дел од купувачите се постари лица, а таму ги има и во периодот кога им е забрането движење.
На пазарот се празни само тезгите со текстил, а на другите има сè, но деновиве цените се малку покачени.
(С.В.)