Доколку едукативната кампања е успешна и пристигнат најмалку 20 видеопораки, „Нула отпад“ најлајкуваното видео на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм ќе го награди со лаптоп
Во ова тешко време на неизвесност и изолација „Нула отпад“ преку едукативна дигитална кампања продолжува со својата образовна мисија со ликовно-креативен предизвик наменет за сите деца на училишна и предучилишна возраст.
Станува збор за поттикнување на најмладите и нивните родители порационално да го искористат слободното време и на еден креативен и интересен начин да изработат плакат и негова видеопрезентација на тема: „Да ја заштитиме планетата од опасниот отпад, отпадните батерии и електронскиот отпад“, под мотото: „Безбедни во изолација, со супер еко едукација“.
Од „Нула отпад“ велат дека доколку едукативната кампања е успешна и пристигнат најмалку 20 видеопораки, тогаш тие најлајкуваното видео на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм ќе го наградат со лаптоп.
– Децата имаат мисија да ја пренесат пораката за новата планета и за новото време – потенцираат од „Нула отпад“.
За изработка на плакатот може да се користи комбинирана ликовна техника, поточно сè што може на креативен начин да се искористи и го има на располагање во домот.
– Потребни материјали за изработка на плакатот се: хамер, колажна хартија, списание, новинска хартија, кожички, хартија за подлога, лепило, фломастери, дрвени боици, темперни бои, четки, подлога за работа, две кантички за вода, крпче за бришење на четките – и како што велат, многу креативност и еко желби.
Инаку, видеото за презентација на направениот плакат не треба да биде подолго од три минути. Рокот за доставувањето на плакатите и нивната видеопрезентација е до 30 април, до 12 часот.
(А.П.)