Не е познато дека некој од надворешниот свет (освен неговите по дома) го знае под неговото вистинско име и презиме Жарко Богатинов, но штом ќе кажете Жаре Бербер станува јасно дека зборуваме за еден од најпопуларните скопски, но и македонски градски ликови, кој поодамна е присутен во нашиот музички и медиумски живот.

Можеби на некој од нас и не му е по вкус тоа што го работи Жаре Бербер, но логично е дека секој и не може да те сака, ама затоа мора да те трпи. Впрочем, овој нашиот популарен шоумен деновиве во домашната изолација сите доброволно го трпат, па дури и неговиот домашен миленик, за кој Жаре шегобијно, само за читателите на весникот ВЕЧЕР, ни вели токму вака: -Миленикот со денови ме гледа право во очите и не трепка, како да сака да ми каже: „Жаре, ќе помине ова еден ден, а ти вети ми дека ќе ме носиш на ќебапчиња во Старата чаршија штом те трпам по цел ден дома!“

Но, страшната пандемија со коронавирусот е тема која и кај Жаре е исто така присутна во сите муабети. Тој на сето ова што сега ни се случува има свој специфичен став, поглед, свое размислување: – Ова некако ни дојде како по таман да се запознаеме подобро со членовите на семејството! До сега само два пати се скаравме по дома, ама тоа не е ништо сериозно, бидејќи било и пострашно, така што и прагот на толеранција во оваа вонредна ситуација ни е дефинитивно поголем.

Не знам чиј производ е короната, бидејќи не спаѓам во онаа група на сезнајковци и аналитичари кои по цел ден нешто филозофираат и имаат информации од не знам какви извори за потеклото на вирусот.
Дека хуморот му е составен дел од неговиот карактер и сега кога е тешко, се уверивме и овој пат, па од сериозен моабет за вирусот корона, тој знае тоа да го насочи во благата доза на смеата.

-Кога е корона во прашање, јас можам да зборам само за пивото „корона“, бидејќи сум го пиел и лично мене ми е ми е по вкус така што времето на корона доаѓа со оглед на тоа дека доаѓа лето,па пивото корона треба да биде добро оладено!……Но да не испадне дека се зафркаваме на маката на човештвото, шега на страна. Убеден сум дека никој ништо попрецизно не може да каже со каква болештина се соочуваме, освен што знам и јас дека треба да бидеме дисциплинирани и одговорни, да почитуваме сè што ќе се препорача како мерка. Од нашата (не)одговорност зависат животите на многу луѓе кои се хронично болни и на кои реално животот им е во опасност.
Оние кои го следат неговиот професионален пат, ќе се сетат дека Жаре има зад себе поминато уште една изолација, но тоа беше многу одамна, а и во сосема поинакви услови.

=

-Јас една ваква и многу полоша самоизолација од 52 дена имав кога бев учесник во телевизиското реално шоу „Сурвајвр”. Таму условите за живот во џунглата беа барем едно пет пати полоши. Дојдов до самосознание дека човекот е цврсто битие кое може да издржи многу пострашни работи, па ова што сега сум во домашна изолација не е ништо страшно. Супер е, живи, здрави сме, а во овие досегашниве 22 дена изгледав толку многу филмчиња, па кога сетп ова ќе заврши нема да имам потреба да гледам филмови во наредните пет години (хахахахааа).

Изолацијата го натера Жаре да биде и активен учесник во домашната кујна кое му стана многу омилено место, велејќи дека и ако ја сака кујната, не сака да посветува внимание на тоа како е облечен кога и онака никаде не може да излезе.
-Во кујната ги направивме и ги испробавме сите врсти на крофни, мекици, палачинки, колачиња посни и мрсни, па потоа ни се развива талентот за кулинарството, на ум сме да отвориме ресторан, хахахахахааа.

За среќа, не се замарам со тоа како сум облечен, растоварен сум од тоа, па носам некои чудни парчиња гардероба што ги имам заборавено дека постојат. Секој ден ми е како маскенбал! Кон сето ова се слуша музика од сите жанрови во зависност од расположението, а сите сме си фино расположени. Искрено кажано ми се пее онака како да сум на слава или на домашна журка со моите блиски луѓе кои се дел од мојот живот. Всушност, имам претчувство дека Господ нè врати во прво одделение повторно да се ресетираме, да се преиспитаме кај сме, што сме, кого имаме околу нас, да се спуштиме на земја бидејќи летавме, да ја разбереме вредноста на животот…

За крај на овој разговор, Жаре Бербер-Богатинов има и една јасна духовита, културна порака за сите нас, па сфатете ја кој како сака:
– Во ова време-невреме не треба да седите дома, можете и да стоите, можете да седите, на пример, во шпајз, можете да лежите во ходник, да си дишете длабоко на балкон, но едно е најбитно за сите: ОСТАНЕТЕ ДОМА! Стрпете се, доаѓаат денови кога повторно ќе се дружиме и ќе бидеме сите во својот свет исполнет со многу љубов и емоции! Естрадата и ноќните свирки, сега за сега, ми се последното нешто на кои во оваа ситуација воопшто не мислам.
Дуле МИЌИЌ