Иако и сега голем  дел од денот ѝ е посветен за работата, сепак таа успева да вежба јога за трудници, а и може да се посвети на уште една нејзина страст-сликањето

Епидемијата на корона вирусот ја остави дома водителката и уредничка на утринската програма на телевизија Алфа, Анастасија Богдановска. Таа има причина повеќе да биде исклучително внимателна кога е во прашање здравјето зашто е бремена и за некој месец треба на свет да донесе ќеркичка. Со нејзината долгогодишна љубов, вереникот Богдан Илиевски, во нивниот дом експериментираат кога е во прашање храната, и тренираат да бидат добри родители. Велат дека имаат од кого да научат за воспитувањето кога се во прашање деца, зашто и двајцата имаат грижливи родители кои израснале добри личности.

Анастасија е пресреќна за новата улога.

-Од самиот момент кога дознавме дека ќе станеме родители сме пресреќни и го чекаме секој нов ден и секоја новина која ја носи бременоста. Апсолутно сме подготвени за новата животна улога која нѐ очекува и знам дека ќе бидеме одлични родители. Веќе ги одбројуваме последните месеци и  постепено се подготвуваме за новиот член на нашето семејство.

Нова улога во вистинско време

Вели дека поддршката доаѓа од сите страни.

– Среќни сме што и мене и Боби (вереникот) нѐ имаат пораснато прекрасни родители кои завршиле одлична работа со воспитувањето, па имаме од кого да учиме. Секако добредојдени се сите совети и искуства. Иако сметам и дека родителството е искуство кое е различно за секој пар и секое дете, исто така сметам дека има одредени работи кои се безвременски, а тоа е чесноста, доброто однесување, праведноста и вербата во себе кои се вредности кои треба да ги поседува една личност, смета Анастасија.

Во животот сѐ се случува во вистинско време, токму во оној момент кога треба да се случи, па вели дека веројатно затоа новата животна улога и доаѓа во момент кога имам застанато со цврсти нозе на професионално поле. ”Mислам дека нема да ми претставува проблем во периодот кој е пред мене да се посветам максимално во улогата на мајка”.

Со  вереникот се во љубовна врска неколку години.

–  Тој е мојата најголема љубов, а и јас негова. Заедно поминавме многу тешки моменти, а она што нѐ одржа заедно беше токму љубовта и довербата. Никогаш не се посомневав во него, неговите мотиви и идеи, дури и кога некои луѓе се сомневаа и ни вртеа грб. Тие моменти нѐ направија посилни како поединци, но и како пар. Кога заедно ќе поминете низ бура, тогаш навистина ги цените сончевите денови и се трудите да траат засекогаш. Уште една работа која нѐ одржа заедно се заедничките, но она што ја прави нашата врска возбудлива се различните интереси. Постојано учиме еден од друг, но и се надополнуваме. Никој  друг не може да ме насмее како што може тој, ниту пак да ми направи поубав појадок. Јас и Боби сме пресреќни што летово ќе станеме родители, раскажува Анастасија.

Таа во моментов е принудно отсутна од екраните. Но има голем ангажман во телевизија Алфа. Секојдневно уредува по неколку часа утринска програма.

-Новата програмска шема на ТВ Алфа веќе шести месец зрачи во етерот. Новина е  и утринската програма. Како нов проект пред нас имавме, а и морам да кажам дека сѐ уште имаме голема задача и обврска, имајќи предвид дека ТВ Алфа немаше утринска програма подолг временски период, па не е лесно да се привлече вниманието на гледачите, особено ако не се навикнати дека токму тука има новина која несебично ќе речам, нуди многу повеќе од другите утрински програми кои можат да се најдат кај нас. „Добро утро секое утро“ допрва ќе расте, но засега сме задоволни и мотивирани да дадеме уште повеќе како тим, вели Анастасија. Таа веќе има работено во утринска програма, до пред неколку месеци бев одговорен уредник на телевизијата, па менаџирањето во тој дел не ми е непознато. Задоволна е што соработува со супер тим.

 

Бои и книги за релаксација

Вели дека никогаш не се гледала како телевизиска личност и раскажува како тоа се случи: ”Мојата замисла беше нешто сосема поинаквa, подалеку од телевизорите. Сепак, морам да признаам дека и соработниците, па и блиските луѓе околу мене постојано ме советуваа дека треба да размислувам за некој ангажман на телевизија. Долго време не ги слушав, првенствено затоа што искрено, телевизијата некако ме плашеше. Јас не сум човек кој сакал да е „познато лице од ТВ-екраните“. Сепак, во еден период од мојата кариера се случи моментот на презаситеност од она што го работев во моментот. Ми требаше промена. Ми требаше нов предизвик. А нема да е предизвик ако не се соочиш со она што те плаши. Во случајот телевизијата. Да резимирам: телевизијата не е мојот младешки сон, но е реалноста која со задоволство ја живеам секој ден”.

Овие денови додека е дома, поради ситуацијата со коронавирусот, Анастасија вели дека има можност да им се посвети на мали работи кои ја прават среќна, а не можела да ги прави поради ангажмани.

-Иако и сега добар дел од денот ми е посветен за работа, подготовка на теми и содржини и комуникација со колегите и организација, сепак имам малку повеќе слободно време од вообичаено. Морам да признаам дека само еден ден до сега не најдов време за вежбање (океј, признавам, бев и мрзелива). Претходно вежбав три пати неделно. Вежбам јога и пилатес, во моментов јога за трудници и би ја препорачала на секоја дама на која бременоста ѝ дозволува да е физички активна. Најдов време и за уште една моја страст, а тоа е сликањето. Си купив и ново платно за сликање и се надевам дека за кратко ќе биде ново уметничко дело кое ќе ни го краси домот. Ме чекаат и две книги за читање од Јувал Ноа Харари. Од хоби, има уште едно кое последниве неколку месеци ми е вистинска страст, а тоа е готвењето и експериментите во кујна, вели Анастасија.

Лилјана Грџо Дамовска